• сабота, 23 ноември 2024

Се одржа првата форумска сесија за креирање на буџетот за 2024 година

Се одржа првата форумска сесија за креирање на буџетот за 2024 година

Струмица, 3 ноември 2023 (МИА) - Во Струмица вечерва се одржа првата буџетска форумска сесија со учество на граѓаните во процесот на креирањето и реализацијата на буџетот на Општината и зголемување на транспаретноста на локалната самоуправа.

Учесниците на форумот-граѓани, советници, претставници на младинскиот и невладиниот сектор, беа запознати со процесот на буџетирање, структурата на буџетот на општина Струмица, буџетскиот календар и планираните приоритети за развој за наредната 2024 година и учествуваа во изборот на приоритетна програма.

Во своето обраќање градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека очекува добри и издржани приоритетни проекти и од овој Буџетски форум.

-Партиципативната демократија е особена важна при креирањето на за мене најважниот документ на Општината, а тоа е буџетот за 2024 година. Очекувам конструктивна и аргументирана дебата, очекувам рационални одлуки и проекти. Ова е период на носење заеднички одлуки, обезбедување поддршка за идеите и решенијата коишто ги предлагаме за новите предизвици, период на креирање на новиот буџет согласно потребите на граѓаните и можностите на општината, рече градоначалникот Костадинов.

Оваа форма на учество на граѓаните во креирањето на буџетот се практикува повеќе години во Општина Струмица и досега преку неа се реализирани значајни инфрастурктурни и комунални проекти.

Втората форумска сесија ќе се одржи на 10 ноември, кога ќе се знае кои три буџетски програми ќе се изгласаат како најприоритетни. рт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан