• вторник, 24 декември 2024

Се одржа локална конференција „Виница - општина посветена на децата“

Се одржа локална конференција „Виница - општина посветена на децата“

Виница, 30 мај 2024 (МИА) – Општина Виница денеска беше домаќин на локалната конференција „Виница - општина посветена на децата“ чија цел е да се промовира инклузивна и поддржувачка животна средина за најмладите, преку споделување на постојни позитивни практики за детско учество во општествената заедница. 

Работната средба беше дел од проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“ чии носители се Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП од Скопје, а како гости учествуваа и претставници од општините Велес и Кисела Вода.

-Се работи за иницијатива којашто УНИЦЕФ ја имплементира на европско и светско ниво за да се доближи идејата за градови посветени на децата, а во која кај нас се вклучени пет пилот општини. Всушност, целта е да се креираат стратешки и акциски планови за општина Виница во кои ќе се вклучат барањата на младите. Веќе имавме работилници од кои можеме да заклучиме дека децата точно ги знаат нивните потреби и ги адресираат до Општината. Тие со нас споделија дека би сакале да имаат повеќе места за дружби и за прошетки, како и места за културно-уметнички активности, а еден од проблемите, како и во повеќе други општини, е решавањето на проблемот со уличните кучиња. Бараат и повеќе да се промовираат здравите навики и здравиот начин на живеење, препорачуваат да зајакне младинскиот активизам и да се назначи советник за детски права на ниво на општина, истакна Кристина Василеска, директорка на Центарот за семејно и детско згрижување КМОП.

За важноста на учеството на децата во процесите на носење одлуки во локалните средини се осврна претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанаца, при што пренесе досегашно искуство и идеи како општините можат да ги вклучат младите, а како главен проблем во Виница и регионот го истакна иселувањето во западноевропските земји.

Градоначалникот на Виница, Миле Петков нагласи дека општината е подготвена да помогне за сите прашања поврзани со децата и младите, особено во поглед на образованието и подобрување на условите во училиштата, креирањето Стратегија за децата, а при крај е постапката за оформување на Локален младински совет.

На конференцијата во Виница се разговараше и за грижата за менталното здравје на децата и младите, нивните активности во претшколска и школска возраст, како и за младинскиот ативизам во руралните средини. Заклучоците од средбата ќе помогнат во изготвувањето локален стратешки план за унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање. та/ир

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан