• понеделник, 10 март 2025

Се одржа  „Невестинско поклонение 2025“

Се одржа  „Невестинско поклонение 2025“

Крива Паланка, 9 март 2025 (МИА) - Пет невести облечени во традиционални, роднокрајни носии од Галичник, Струга, Скопје, Ранковце и Крива Паланка, заедно со своите свекрви, денеска беа дел од „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“, во кривопаланечкото село Конопница, уникатна манифестација на возобновена вековна традиција што ги негува пост-свадбените обичаи од овој крај.

-Годинашното „Невестинско поклонение“ ќе остане запаметено по учесничките од сите краеви на државата и по третото, последователно учество на невестата од најпознатата македонска традиционална свадба, Галичката, поради што во чест на соработката со „Галичката свадба“ и 15 години одржување на манифестацијата, симболично, беше засадена садница, бела камелија- повеќегодишно зимзелено растение, симбол на вечната љубов, информира организаторот Стојанче Величковски од Регионално здружение за развој на алтернативен туризам и настани инспирирани од културата „ПАТНИК“. 

На поклонението учествуваат невести венчани помеѓу двете Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, а обичајот опфаќа поклонение пред светецот со молитва за род и пород.

Традиционално, манифестацијата е поддржана од Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата, во соработка со МПЦ-ОА, Кумановско-Осоговска епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.

-Поклонението пред светецот претставува оживеана традиција. Со самото тоа, не е само културна манифестација во општината, туку трајно сведоштво за автентичната традиција и култура од овој крај, но и промотор, чувар од заборав на суштинските вредности на семејните врски. Овие вредности, пренесувани низ генерации и генерации се дел од нашиот идентитет, аманет што нѐ обврзува да ги пренесуваме од поколение на поколение. Со „Невестинско поклонение“ ги чуваме од заборав, одржувајќи ги до денес, но истовремено градиме мост за иднината. Обновениот обичај ги негува трајните вредности кои не одликуваат како народ, затоа, како општина, посветено го одржуваме и негуваме со сите вредности што ги пренесува на младите, зашто од семјната клетка тргнува, започнува сѐ и се рефлектира на заедницата. Ги промовираме универзалните пораки што го чуваат македонското културно наследство, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Настанот беше надополнет со богата културно - уметничка програма во која уживаа стотиците присутни граѓани. ид/ев/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан