• среда, 25 декември 2024

Се истражува загаденоста на Пеленица, според прелиминарните резултати линданот е присутен во почвата

Се истражува загаденоста на Пеленица, според прелиминарните резултати линданот е присутен во почвата
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Со години се зборува дека освен во малата и големата депонија во ОХИС, каде е закопана огромна количина на линдан, истиот е присутен и на локацијата Пеленица, во населба Драчево. Од таа причина Министерството за животна средина и просторно планирање одлучи да одвои околу три милиони денари со цел да се направи истражување за тоа дали и колку се контаминирани почвата и подземните води на тоа место. Според информациите, компанијата ОХИС на оваа локација во 1976 година депонирала одредена количина на HCH- отпад и отпадот бил спакуван во метални буриња и истите биле депонирани во две јами ископани на локалитетот, кој бил обележани со бетонски ѕидови, но она што го увидовме на терен беше дека линданот, кој, според првичните информации е присутен таму, воопшто не бил складиран во буриња, туку само бил исфрлен во јамите, кои потоа биле затрупани со земја. Резултати од истражувањето, според информациите од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе бидат готови до крајот на годината, но според информациите кои ги добивме од луѓето кои работат на терен, од мерењата со ХРФ анализаторот, кој веднаш индикативно, приближно ги покажува добрите вредности на хемискиот состав на почвата, се забележува присуство на хексахлороциклохексан. Целта на истражувањето, е да се направи проценка на обемот и степенот на контаминација, да се предложат опции за ремедијација на локацијата и да се проценат трошоците за предложените опции за ремедијација. - Врз основа на планот за истражување по кој се постапува, се копаат контролни сонди, ќе се инсталираат бушотини, се поставија два мониторинг бунари за мониторирање на подземните води, уште еден сега е во фаза на поставување, ќе се земат примероци, ќе се анализираат примероците и како краен заклучок ќе се направат пресметки за обемот и степенот на радијација, ќе се предложат мерки за ремедијација и ќе се дадат пресметки, односно проценки за потребните средства за сите тие опциии за ремедијација, нагласи за МИА Александар Мицковски, од Канцеларијата на POPs, при МЖСПП. Тој додаде дека според информациите добиени од лица кои работеле во ОХИС или живеат во околината на Пеленица, на местото се закопани околу 8.000 тони линдан. - Предмет на истражувањето е да се види обемот и степенот на контаминација како вертикална, така и хоризонтална, ќе се одредат површините, ќе се одреди волуменот, тежината и сходно на тоа и опциите за ремедијација ќе бидат предложени. Кога во иднина би се правело анализа на ризикот ќе се земат примероци на поголема оддалеченост од овде да се види дали има депонорано од прашината и на тие локации, меѓутоа во тој контекст земавме и направивме и два бунари за мониторинг на подземни води, малку подоле од локацијата, да се види дали подземните води се афектирани од оваа контаминација, а со оглед на конфигурацијата на теренот која што наведува дека движењето на подземните води е во таа насока, појасни Мицковски, осврнувајќи се на тоа дали е контаминирана и околината на локацијата. Тој нагласи дека во примероците од почвата чии вредности се измерени со ХРФ анализаторот се забележува голема концентрација на хлор. - Се уште примероците не се испратени за лабараториска анализа, значи контролните сонди се отворени, бушотините се уште не се направени, така да кога ќе се заврши сето тоа, кога ќе се подготват примероците, кога ќе се испратат во лабараторијата и таа ќе каже дефинитивно, нели во поглед на концентрацијата, меѓутоа како прелиминарна мерка во поглед нели ете и на нас да ни даде насоки како да постапиме понатаму во поглед на премерувањето, се користи ХРФ анализаторот, кој што го мери присуството на елементите во почвата, така да може да се каже дека во неколку контролни сонди концентрацијата на хлор е многу голема, што укажува на тоа дека станува збор за хексахлороциклохексан кој е депониран тука, истакна Мицковски. Тој наведе дека се направени околу 20 контролни сонди и ќе се направат четири бушотини. - Контролните сонди се направени, бушотините ќе се направат, еве пи-изометрите се поставуваат и потоа како крајна фаза ќе следи мапирање на целиот овој предел со употреба на дронови, така да сите овие контролни сонди, местата од каде што се земаше примероци ќе бидат евидентирани на мапа, а исто така ќе се направи и 3Д моделирање, не само на конфигурацијата на површината на земјата, туку и во внатрешноста на земјата со тие изеконцентрациони линии и ќе се види како се движи отпадот и како е распореден внатре, наведе Мицковски. Тој потенцираше дека откако ќе се добијат резултатите од истражувањето, односно степенот на контаминација, како и предлозите и пресметките за чистење на локацијата, треба да се обезбедат средства за ремедијација. - До крајот на годината ќе ги имаме резултатите ќе ги имаме сите пресметки и сите предлози како да се постапи понатаму со проценети трошоци и потоа следува обезбедувањето на средства за чистење на локацијата. Обезбедувањето на средства не е толку брза и наивна работа, потребно е да се подготвни документација, проект, да се најдат донатори, така да тоа е слично како и чистењето сега што го спроведуваме кај депониите во ОХИС, нагласи Мицковски. И покрај тоа што со години здруженијата кои се занимаваат со заштита на животната средина, како и граѓаните кои живеат во околината на ОХИС, апелираат за опасноста од затрупаниот линдан, беа потребни години за државата да преземе чекори со цел истиот да биде отстранет. МЖСПП во моментов ја чисти малата депонија во ОХИС, а сега се спроведува истражување за загаденоста на Пеленица. Потребни се уште многу средства за целосно да биде исчистен линданот и да се направи ремедијација на околината.

Симона Митровска  Фото: Дарко Попов Видео: Срѓан Крстиќ

Остани поврзан