• четврток, 26 декември 2024

Се асфалтираат две улици во центарот на Штип

Се асфалтираат две улици во центарот на Штип
Штип, 5 јули 2022 (МИА) - Се асфалтира дел од улиците „Борко Талев“ и „Јане Сандански“ по санацијата на честите дефекти на водоводната мрежа. Решавање на проблемот со водоводната мрежа, па асфалтирање на улиците и понатаму ќе биде пракса рече на денешната прес - конференција, градоначалникот Иван Јорданов, кој изврши увид на градежните работи. - Станува збор за делот којшто беше со оштетена коловозна лента, затоа што претходно овде имаше чести дефекти на водоводната мрежа. Граѓаните беа затечени со проблеми со водата за пиење. Тоа нѐ натера во изминатиов месец да направиме реконструкција на поголем дел од водоводната линија, а самото оштетување придонесе да се распише тендерска постапка за асфалтирање на истата улица, да се врати во првобитна состојба, односно да се подобри состојбата со овој дел од градот, вели Јорданов. Тој им се извини на граѓаните од овие улици, затоа што постапката на реконструкција на водоводната мрежа и спроведувањето на тендерот траеле долго. Посочи дека за проблемите е потребно темелно и трајно решавање. - Оваа прилика сакам да ја искористам за да се извинам на жителите од овој дел на градот, затоа што со честите дефекти се случуваше по неколку дена да бидат оставени без вода за пиење. Но тоа е оној горчлив проблем којшто се провлекува со години и којшто темелно мора да се реши. Исто така, жителите беа револтирани, затоа што подолг временски период улицата беше раскопана онаму каде што се вршеше промената на водоводната мрежа, но тоа исто така е поврзано со спроведувањето на постапка за јавна набавка, бидејќи улицата не беше влезена во Програма, а постапката траеше неколку недели, додаде Јорданов. Градежните работи на овој дел од градот нема да завршат овде, бидејќи промена на водоводната мрежа ќе се изврши и на останатиот дел од улицата. - Во следна фаза ќе се работи на промена на водоводната мрежа на останатиот дел од улицата, којшто не е асфалтиран и за којшто ќе се испланира асфалтирање на улицата којашто досега била со коцка. Ќе се фокусираме првично на проблемот со водоводната мрежа, а веднаш потоа и на асфалтирање, рече Јорданов. Асфалтирањето на деловите од двете улици денес е со вкупна површина од 1200 метри квадратна асфалтна маса, а инвестициската вредност е над еден милион денари, пари обезбедени од буџетот на Општина Штип.вдј /цр

Остани поврзан