• вторник, 24 декември 2024

Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал неколку балистички ракети

Сеул соопшти дека Пјонгјанг лансирал неколку балистички ракети

Сеул, 5 ноември 2024 (МИА) - Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Северна Кореја ги лансираше ракетите околу 7:30 часот (понеделник 22:30 по Гринич) од западната провинција Северна Хвангхае, објавија јужнокорејските медиуми, цитирајќи го Генералштабот во Сеул.

Генералштабот првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.

Канцеларијата на јапонскиот премиер исто така испрати предупредување за „сомнително лансирање балистичка ракета“.

Лансирањето доаѓа помалку од една недела откако Пјонгјанг тестираше, како што тврди, нов тип на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) со „ултрамоќни офанзивни средства“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел. Таквите проектили можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.

Тензиите се зголемија на Корејскиот полуостров откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во изминатите две години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја.

Северна Кореја, исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија, при што САД проценуваат дека веќе има околу 12.000 севернокорејски војници во Русија. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан