• сабота, 23 ноември 2024

Серхи Роберто навреден од односот на Флик

Серхи Роберто навреден од односот на Флик

Барселона, 26 јули 2024 (МИА) - Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Серхи Роберто бил навреден од односот на тренерот на „блауграните“ Ханзи Флик.

Германскиот стручњак на прес-конференција објасни дека 32-годишниот поранешен репрезентативец на Шпанија повеќе нема да игра за Барса.

Договорот на играчот од средниот ред со Каталонците истече ова лето, но локалните медиуми објавија дека двете страни преговараат за потпишување на нов договор.

Роберто, кој е дел од академијата на Барселона од 2006 година, бил крајно незадоволен од зборовите на Флик, пишува весникот „АС“. Од клубот подоцна појаснија дека Германецот на ниту еден начин не сакал да го навреди играчот од средниот ред. Според нив, до недоразбирањето дошло поради јазичната бариера и лошото познавање на шпанскиот јазик на Флик.

Серхи Роберто дебитираше за првиот тим на Барселона во 2009 година, освојувајќи седум титули во Ла Лига, шест Копа дел Реј, два трофеи во Лигата на шампионите и еден Светски куп за клубови.

Флик ја презеде Барса ова лето, на местото на Чави Ернандез. дс

Фото: Архива

Остани поврзан