Серија превентивно-едукативни активности на СВР Охрид на почетокот на главната туристичка сезона
- Целта на кампањите „И јас и ти сме пешаци“, ,, Носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“ е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост на граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Охрид, 1 јули 2025 (МИА) – Секторот за внатрешни работи од Охрид започна со реализација на серија превентивно-едукативни кампањи, во пресрет на главната туристичка сезона.
Целта на кампањите „И јас и ти сме пешаци“, ,, Носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“ е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост на граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Во рамки на активностите полициски службеници од Отсекот за превенциј, на повеќе локации во Охрид остваруваат кратки средби со граѓани и туристите кои престојуваат во градот и околината, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и низ кратки разговори ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени со што стануваат лесно достапни до сторителите и се предмет на кражби и џепни кражби.
Притоа, прецизно им се укажува на можните форми и начини на вршење на овие казнени дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти.
Преку куси разговори на пофрекфентните сообраќајници се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори а не на коловози, тротоари и вело патеки. Се советуваат пешаците, велосипедистите и моторциклистите како учесници во сообраќајот, да бидат совесни и одговорни, пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки и воедно, со моторциклистите да користат заштитни кациги и друга неопходна опрема. Секое спротивно однесување како и зборување на мобилен телефон при управувањето со возилата, ќе биде санкционирано согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
На граѓаните и туристите им се делат едукативни флаери со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура.
Проектната активност се реализира во рамки на концептот „Полициско работење во заедницата“, што подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици. аб/са/
Фото: СВР