• петок, 27 декември 2024

Сенатот на Чешка бара информации за здравјето на Земан

Сенатот на Чешка бара информации за здравјето на Земан
Прага, 12 октомври 2021 (МИА) - Чешкиот Сенат побара од администрацијата на претседателот Милош Земан детални информации за здравствената состојба на шефот на државата, кој итно беше примен во Централната воена болница во Прага. Претседателот на Горниот дом, Милош Встричил изјави дека бараат информации дали Земан е во состојба да ја извршува својата претседателска функција. Земан во моментот треба да го обезбеди преговарачкиот процес за нова влада меѓу партиите што влегоа во Долниот дом на чешкиот Парламент по парламентарните избори на 8 и 9 октомври и да му предаде мандат на еден од лидерите за формирање Влада. Експертите по уставно право веќе разговараат за опциите за смена на Земан од претседателската функција. Овие механизми можат да се активираат доколку претседателската администрација не даде сеопфатни информации за неговата здравствената состојба. Уставот на Чешка дозволува одземање на претседателските овластувања доколку тој не е во состојба да ги извршува. За тоа мнозинството пратениците од двата дома на Парламентот мора да гласаат. Според Встричил, ова може да се случи само кога ќе стане јасно дека здравствената состојба на Земан не му дозволува да ја извршува претседателската функција. Доколку оваа недела нема подобрување на здравјето на Милош Земан и се блокира формирањето на нова влада, уставната комисија на 19 октомври ќе разговара за одземање на неговите овластувања. ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан