• вторник, 24 декември 2024

Семејството на некогашен саудиски разузнавач е цел на Бин Салман

Семејството на некогашен саудиски разузнавач е цел на Бин Салман
Лондон, 23 јуни 2020 (МИА) - Семејството на некогашен високорангиран саудиски разузнавач, кој сега е во егзил во Канада, е под зголемен притисок од престолонаследникот Мохамед бин Салман, кој сака да го присили да се врати во земјата. Разузнавачот Саад ал Џабри бил долгогодишен соработник на принцот Мохамед бин Наеф, кого Мохамед бин Салман го отстрани од позицијата наследник на престолот во 2017 година, а потоа го притвори во март годинава, заедно со уште двајца истакнати членови на владејачкото саудиско семејство и неколку високи функционери во Министерството за внатрешни работи. Мохамед бин Салман сега практично ја има целата моќ во земјата во свои раце и е единствениот наследник на престолот на кој од 2015 година е неговиот татко, кралот Салман. Неколку дена по приведувањето на Бин Наеф, саудиските власти уапсија две од возрасните деца на Ал Џабри, а во мај беше приведен и неговиот брат. Ал-Џабри долго време бил соработник на западните разузнавачки кругови во борбата против тероризмот и има документација која, според добро упатените извори, Бин Салман се обидува да ја добие, сакајќи да ја искористи против други конкуренти за позицијата владетел. Според истите извори, престолонаследникот стравува дека документите содржат и информации што би можеле да ги компромитираат него и неговиот татко. Според друг добро упатен извор, престолонаследникот сака да поднесе обвинение против Бин Наеф за корупција додека бил на високи позиции во Министерството за внатрешни работи. И Ал Џабри се обвинува за корупција, но членовите на неговото семејство ги отфрлаат ваквите обвинувања како лажни. Саудиските власти ниту потврдија, ниту јавно ги коментираа апсењата на децата и братот на Ал Џабри, но прашањето го покренаа САД, кои според еден официјален претставник во Вашингтон се обидуваат да најдат начин да му помогнат на семејството на Ал Џабри, а загриженоста за притворањето на неговите деца изрази и Канада. јт/

Остани поврзан