Сектор за образование Куманово одржа работен состанок за јазиците на помалубројните етнички заедници
- Вкупно 215 ученика од Куманово, од кои 135 го слушаат предметот Jазик и култура на Србите, а 80 ученика го следат предметот Jазик и култура на Ромите, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово. На иницијатива на Секторот за образование денеска во Куманово се одржа работен состанок со претставници од Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедници, по повод утрешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик.

Куманово, 20 февруари 2025 (МИА) - Вкупно 215 ученика од Куманово, од кои 135 го слушаат предметот Jазик и култура на Србите, а 80 ученика го следат предметот Jазик и култура на Ромите, информираа денеска надлежните од секторот за образование од општина Куманово. На иницијатива на Секторот за образование денеска во Куманово се одржа работен состанок со претставници од Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедници, по повод утрешниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик.
На состанокот беше презентирана анализата за образованието на наставниот јазик на помалубројните етнички заедници, за негувањето на јазикот и културата на заедницата.
- Разговаравме за наставата на јазиците на помалубројните етнички заедници и изборните предмети Jазик и култура на Ромите и Jазик и култура на Србите, каква е актуелната состојба со реализација на овие предмети, со какви предизвици се соочуваат, дали постојат пречки и тешкотии во остварувањето на целите на предметите и каква е нивната перспектива. Присутни беа директорите на училиштата каде учениците ги изучуваат изборните предмети. Целта ни е да бидат опфатени повеќе основни училишта и да почнат да се изучуваат и јазиците на останатите помали етнички заедници, влашки, турски, бoсански, оти Куманово е „Македонија во мало“, изјави раководителот на секторот, Александар Јовановиќ.
Во Куманово двајца наставници предаваат Јазик и култура на Србите и еден наставник Јазик и култура на Ромите.
- Придобивките од изучувањето се многукратни, особено за помалку застапените етнички заедници, додава Јовановиќ.
На работната средба присуствуваа претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска и претставници од општинските основни и средни училишта. ам/
Фото: Општина Куманово