• четврток, 26 декември 2024

Секој заслужува шанса, вели Мицкоски за предлозите за заменици-министри

Секој заслужува шанса, вели Мицкоски за предлозите за заменици-министри

Скопје, 20 јули 2024 (МИА) - Верувам во кадровските решенија и секој заслужува шанса. Оној што ќе ја упропасти таа шанса, веднаш ќе биде сменет, вели премиерот Христијан Мицкоски за предлог-решенијата за заменици министри. 

- Ние имаме коалициски договор и јас верувам на коалиционите партнери со кои имаме принципиелен, цврст коалициски договор, верувам во кадровските решенија и секое кадровски решение заслужува шанса. Она кадровско решение што ќе ја упропасти таа шанса, ќе биде веднаш променето, нема да чекаме години, изјави Мицкоски по денешната посета на Трубарево. 

Одговарајќи на новинарско прашање дека образованието на некои предложени заменици-министри не соодветствува со функцијата, Мицкоски упати на минатото и на образованието на многу кадри од ДУИ.

- Ако алудирате на образованието, вратете се 20 години наназад и видете го образованието на многу од кадрите кои доаѓале од ДУИ. Јас не сакам да деинтегрирам никого, не сакам да девалвирам никого се додека не ги видиме преформансите, додека не почнат да работат, рече Мицкоски.

Владата во средата ги утврди имињата на замениците министри. ВЛЕН доби девет заменици-министри, меѓу кои за одбрана, за внатрешни работи, односи меѓу заедниците, земјоделство, образование, локална самоуправа, спорт, транспорт и култура. Останатите десет заменици министри се од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ. 

Замениците-министри треба да бидат избрани на пленарна седница во Собранието. бак/цр

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан