• вторник, 24 декември 2024

Секогаш има потреба од повеќе средства, со добра координација и со постојните може да се направи многу за заштита на животната средина, вели Нуредини

Секогаш има потреба од повеќе средства, со добра координација и со постојните може да се направи многу за заштита на животната средина, вели Нуредини
Скопје, 22 декември 2020 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека заштитата на животната средина бара координиран пристап и активности на сите чинители во општеството. Секогаш, додава тој, има потреба од повеќе средства за оваа намена особено оние кои ги добива Министерството, но, како што потенцира, и другите државни институции имаат буџети за активности за заштита на животната средина. Со добра координација и соработка, потенцира Нуредини, може да се реализираат доста од зацртаните мерки и активности, да се унапреди животната средина и да се намали аерозагадувањето. -Ние како Министерство секогаш бараме повеќе буџет и продолжуваме да бараме повеќе средства за инвестирање во животната средина. Но доколку го видите подобро Буџетот на државата ќе видите дека не само Министерството за животна средина и просторно планирање, туку и другите министерства и институции  во државата имаат буџет за инвестиции во животната средина. На пример Министерството за транспорт и врски има буџет за гасификација што ќе помогне за намалување на загадување на воздухот во државата, Министерството за економија има програма за субвенционирање за греењето на домаќинставата, Министерството за финансии има средства за инвестирање во ефикасна енергија. Ние ние сме во соработка и координација со сите државни институции со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се грижиме за нашата животна средина, рече Нуредини на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали средствата што ги добива Министерството се доволни да се реализираат приоритетите во сферата на заштитата на животната средина. Тој вели дека се оди чекор по чекор и во справувањето со аерозагадувањето. Се реализира гасификацијата, нагласи Нуредини, и најави дека наредната година ќе се работи на и на секундарната и терцијалната мрежа, а постојано се работи и на субвенционирање на еколошко греење. Одиме, рече министерот Нуредини, чекор по чекор, скала по скала, да ги реализираме нашите цели што е можно побрзо. Во врска со неколкуте станици кои испорачуваат резултати од мерењата на квалитетот на воздухот и кои требало да бидат ставени во функција до крајот на годинава, министерот Нуредини истакна дека мерните инструменти се купени и се чека нивната испорака. Информирани сме од соодветните институции, нагласи министерот, дека во краток можен рок ќе пристигнат мерните инструменти. сст/ац/

Остани поврзан