• понеделник, 23 декември 2024

Сежурне: Франција повеќе не е заинтересирана да разговара со руските претставници

Сежурне: Франција повеќе не е заинтересирана да разговара со руските претставници

Абиџан, 9 април 2024 (МИА) - Франција повеќе не е заинтересирана за „разговор со руски претставници“, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне по неодамнешниот телефонски разговор меѓу министрите за одбрана на двете земји, кој заврши со различни извештаи.

„Денес веќе не е во наш интерес да разговараме со руски официјални лица, бидејќи најавите и извештаите што се објавуваат се лажни“, изјави Сежурне за француските медиуми во Абиџан, каде што ја завршува повеќедневната турнеја низ африканските земји.

По разговорите во средата меѓу министрите за одбрана Себастиен Лекорну и Сергеј Шојгу со цел да им се обезбедат на Русите „корисни информации“ за нападот врз Москва, францускиот претседател Емануел Макрон ја осуди Русија за „заканувачки коментари“ следниот ден.

Во својот извештај за средбата, Русија изрази „надеж“ дека француските тајни служби не биле вмешани во нападот на 22 март во кој загинаа 144 лица. Тие шпекулации беа демантирани од Париз.

Пред да можеме повторно да разговараме со Русите, „можеби прво треба да воспоставиме доверба, можеби, пред сè, да имаме развој на ситуацијата на военото тло во Украина за да може да се обноват односите. Тоа сè уште не е случај“, рече Сежурне.

Макрон ја оправда иницијативата за размена на мислења меѓу францускиот и рускиот министер, прва од октомври 2022 година, со фактот дека Франција има „корисни информации за потеклото и организацијата на нападот“.

Одговорноста за нападот ја презеде џихадистичката организација Исламска држава.

Сежурне рече дека сега „долгата традиција на соработка со Русија за прашањето на тероризмот“ е во застој. паг/

Фото: МИА архива


  

 

 

 

Остани поврзан