• сабота, 23 ноември 2024

Седум европски издавачи гости на десетата програма „Скопје фелоушип“ на „ПРО-ЗА Балкан“

Седум европски издавачи гости на десетата програма „Скопје фелоушип“ на „ПРО-ЗА Балкан“

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) - Aгент на А.Ц.Е.Р., најстарата книжевна агенција во Шпанија и директорката за меѓународна продажба и извоз на италијанскиот гигант „Саси едиторе“, заедно со уште петмина издавачи од Европа ќе бидат дел од програмата на десетото издание на програмата „Скопје фелоушип“, во рамки на Интернационалниот фестивал на литературата „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 17 до 20 септември во Скопје.

Роберто Домингез Моро од А.Ц.Е.Р. веќе 15 години работи со меѓународни книги од сите жанрови, околу нивниот превод на шпански и португалски јазик и редовно присуствува на саемите на книги во Лондон и Франкфурт. Марија Анџела Ферари е директор за меѓународна продажба на „Саси едиторе“ од 2018 година и искусен менаџер за купување и продажба на авторски права со 19-годишно искуство во издаваштво, специјализирана за странски права.

Гостинка на фестивалот ќе биде и Ника Мушич, уредничка во словенечката издавачка куќа „КУД Содобност“, каде уредува преведена белетристика и литературни критики на литература за деца за најстарото словенечко книжевно списание „Содобност“.

Како што најавија од фестивалот, учесници во оваа програма се и Орели Бонту-Рош, менаџер за преводи за француската издавачка група „Либела“, Мауро Спањол од агенцијата „Букс евривер“ со седиште во Лондон, Јерг Зундермајер, основач на германската „Фербрехер ферлаг“ и Андреа Џентиле, писател и редакциски директор на италијанската „Ил саџаторе“.

Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачки куќи.

Програмата е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. 

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Европска Унија, Амбасадата на Словенија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА, Бовин и Умно.мк.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“, се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.бт/са/

Фото/ „Прозарт медиа“

Остани поврзан