Седница на ЛЕСС Куманово за гасификација на зоната во Доброшане
- Претставниците на Локалниот економско-социјален совет од општина Куманово, денеска одржаа седница на која ги разгледуваа можностите за гасификација на индустриската зона во село Доброшане, кумановско. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска кажа дека целта е да се увидат барањата на бизнис заедницата и можностите кои може да ги понуди локалната власт.
Куманово, 12 декември 2025 (МИА) - Претставниците на Локалниот економско-социјален совет од општина Куманово, денеска одржаа седница на која ги разгледуваа можностите за гасификација на индустриската зона во село Доброшане, кумановско. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска кажа дека целта е да се увидат барањата на бизнис заедницата и можностите кои може да ги понуди локалната власт.
- Како локална самоуправа, интенцијата е да се прошири мрежата не само за домаќинствата, туку и во зоните и една од првите е во Доброшане како една од постарите зони, а потоа и во индустриската зона во населбата Карпош и крајно до Речица која е најнова, но и најголема, изјави Ѓорѓиевска.
Компаниите во Индустриската зона Доброшане добиваат реална можност за приклучување на природен гас, откако дистрибутивната мрежа долж трасата кон зоната е целосно изградена, технички испитана и подготвена за употреба, соопшти денеска директорот на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митровски. Тој наведе дека се извршени сите неопходни тестирања и верификации, а обезбедени се и потребните дозволи за функционирање на системот.

Интерес за приклучување од компаниите има, но нивните одлуки ќе зависат од пресметката на трошоците и долгорочната исплатливост. Според Митровски, во зоната има над 50 фирми, од кои со дел веќе се водени разговори. Тие се во фаза на изработка на проектна документација и финални калкулации.
-Клучно беше барањето на компаниите кои сакаа да се приклучат на мрежата. Ги чекаме нивните проектни документации. И граѓаните кои видоа дека почна изградбата се заинтересирани за приклучување, вели Митровски.
Тој нагласува дека гасот е околу 60 денари за метар кубен и е прилично поевтин од други енергенси и ја нагласи важноста од еколошкиот бенефит.
Претставник од бизнис заедницата Тони Димитриевски, кажа дека проширувањето на мрежата е важно за фирмите.
-Ќе се користи за сите индустрии во зоната. Очекуваме да се намалат трошоците за производство, гасот е еден од најевтините енергенси. Бенефит ќе имаме сите и ние и граѓаните, рече Димитриевски.
Ахмет Јашаровски од ЛЕСС и од општина Куманово кажа дека на седницата се разгледува и можноста да се надмине проблемот со притисокот на вода во зоната.
-Ова е целта на ЛЕСС, да им излеземе во пресрет и на компаниите и на граѓаните, изјави Јашаровски.
Локалниот економско-социјален совет – Куманово, во партнерство со МКЦ Битола ја организираше денешната дебата. Инаку, телото функционира како консултативно и советодавно и членуваат претставници од Општина Куманово, организација на работодавци, Сојузот на синдикати, институции, здруженија на граѓани. За претставниците на ЛЕСС особено е значајно што Куманово е најголема општина во државата со извонредна местоположба на крстосница помеѓу двата коридори 8 и 10 и како пограничен град во близина на најголемиот граничен премин во државата Табановце има поголема шанса за отворање и успешен развој на претпријатија и на локалната економија. ам/дма/
Фото: МИА