• вторник, 10 март 2026

Сегуро положи заклетва за претседател на Португалија

Сегуро положи заклетва за претседател на Португалија

Лисабон, 9 март 2026 (МИА) – Новоизбраниот претседател на Португалија, Антонио Жозе Сегуро денеска положи заклетва во Парламентот.

Сегуро на инаугурација истакна дека ќе работи за политичка стабилност во Португалија, која имаше три парламентарни избори за само четири години.

- Сè ќе направам што е во моја моќ да ставам крај на оваа изборна лудост, наведе Сегуро, при тоа изрази жалење што неколку влади не беа во можност целосно да ги исполнат своите мандати.

Сегуро вети дека ќе соработува добро со централно-десничарската влада на премиерот Луиз Монтенегро, кој е на власт од 2024 година и кој нема мнозинство во парламентот и се потпира на поддршката на социјалистите и крајната десница.

Претседателот на Португалија главно има церемонијална улога, но во случај на политичка криза тој може да биде арбитер и има моќ да го распушти парламентот и да закаже нови избори.

Сегуро во говорот се осврна и на војните во светот и повика на мултилатерален пристап.

- Моќта на законот е заменета со моќта на силниот, посочи Сегуро.

На церемонијата присуствуваше и кралот на Шпанија, Фелипе Шести, како и претседателите на поранешните португалски колонии, меѓу кои Ангола, Мозамбик и Зелено’ртските Острови.

Сегуро победи во вториот круг од претседателските избори на 8 февруари, победувајќи го својот противник Андре Вентура, лидерот на крајната десница. ми/сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан