• недела, 24 ноември 2024

Северна Македонија ќе учи од хрватското искуство во преговорите со ЕУ

Северна Македонија ќе учи од хрватското искуство во преговорите со ЕУ
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - На покана на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, од денеска во дводневна посета на Скопје ќе престојува поранешниот преговарач на Хрватска со Европската Унија, Владимир Дробњак.

Како што соопшти СЕП, експертот Дробњак искуствата на Хрватска во овој дел ќе ги пренесе низ низа состаноци кои ќе ги одржи денеска и утре со членовите на телата од преговарачката структура, која вчера беше усвоена на седница на Влада.

Дробњак и вицепремиерот Маричиќ денеска ќе имаат координативен состанок, по кој следуваат состаноци со координаторите на кластери и министри задолжени за кластери и Работна комисија за евроинтеграции со државните секретари на институциите.

Искуството на Хрватска во процесот на пристапување, новата методологија и преговарачка рамка и процедурите за преговори, Дробњак ќе го претстави и пред раководната структура на Секретаријатот за европски прашања.

Дополнително хрватскиот експерт Дробњак ќе оствари и средби со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-Поранешниот хрватски главен преговарач, Владимир Дробњак, доаѓа во време кога Северна Македонија прави интензивни подготовки за почеток на преговарачкиот процес. Неговата експертиза ќе има значаен придонес во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ и ќе биде трансфер на знаење за македонските преговарачки тимови, наведуваат од СЕП.

Дробњак ги водеше пристапните преговори на Хрватска со Унијата, од самиот почеток па сè до крајот во 2013 година, а беше и првиот амбасадор на ЕУ, Шеф на постојаното претставништво на Хрватска во Брисел. вг/са/

Остани поврзан