• среда, 08 април 2026

Северна Кореја лансирала балистички ракети

Северна Кореја лансирала балистички ракети

Сеул, 8 април 2026 (МИА) – Северна Кореја во текот на вчерашниот ден лансирала неколку балистички ракети насочеки кон морето долж своето источнo крајбрежје, соопшти армијата на Јужна Кореја. 

Здружениот штаб на јужнокорејската армија (JCS) посочи дека неидентификуваните проектили биле лансирани околу 8:50 часот утрово од подрачје во близина на Вонсан, на источниот брег на Северна Кореја.

Проектилите прелетале околу 240 километри, а јужнокорејските и американските власти спроведуваат детална анализа на лансирањето. Јужна Кореја, исто така, соопшти дека и ден претходно било детектирано лансирање на сомнителен балистички проектил од подрачје близу Пјонгјанг.

Претседателскиот кабинет во Сеул свика итна седница на Советот за национална безбедност, оценувајќи ги лансирањата како провокација и кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, и го повика Пјонгјанг да престане со такви активности.

Според јужнокорејските медиуми, проектилот лансиран во вторникот летал кон исток, но во рана фаза покажал знаци на неправилности и исчезнал од радарите, што упатува на можен неуспех по лансирањето.

Јужна Кореја вообичаено веднаш ги објавува таквите активности бидејќи балистичката програма на Северна Кореја ги крши резолуциите на ОН. Пјонгјанг, меѓутоа, ги отфрла тие ограничувања, тврдејќи дека му го ускратуваат сувереното право на самоодбрана.

Најновите лансирања следуваат по изјава на висок севернокорејски функционер кој јасно стави до знаење дека Пјонгјанг не гледа промена во својот непријателски став кон Сеул, и покрај надежите за смирување на односите.

Јанг Кум-чол од севернокорејското Министерство за надворешни работи изјави дека Јужна Кореја негува илузии ако верува дека Пјонгјанг ќе ја смета за нешто друго освен непријател. „Идентитетот на Република Кореја, држава која е најнепријателска кон Демократската Народна Република Кореја, не може да се промени со никакви зборови или постапки“, пренесе државната агенција КЦНА.

Таа изјава е во спротивност со претходната реторика од Пјонгјанг, од каде во понеделникот како „мошне разумно“ беше оценето жалењето изразено од страна на јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг во врска претходните упади со дронови. Одредени кругови во Сеул тоа го протолкуваа како редок знак за намалување на тензиите меѓу двете држави, кои технички се уште се во војна по конфликтот од 1950–1953 година. Но, Јанг појасни дека изјавата на Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, всушност била предупредување, а не знак на добра волја. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан