• вторник, 11 март 2025

СДСМ ја повика Антикорупциска комисија да постапи по случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација

СДСМ ја повика Антикорупциска комисија да постапи по случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - СДСМ денеска на прес-конференција ја повикува Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да постапи по случајот за тендерите во Министерството за дигитална трансформација. 

-Сите докази и документи СДСМ јавно ги објави. Бараме итно постапување од ДКСК по овој случај кој мора целосно да биде расчистен. Министерот Стефан Андоновски на прес-конференција го призна скандалот со тендерите во неговото Министерство. Но наместо да понесе одговорност, да се извини, и да поднесе оставка, тој дрско ги бранеше договорите за тендери кои завршиле кај сопругот на државната секретарка Клинчарова, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска пред зградата на Антикорупциска. 

Според неа, ова претставува јасен случај на конфликт на интереси, непотизам и основан сомнеж за корупција кои, вели, се одлики на ВМРО-ДПМНЕ.

-Министерот Андоновски не може да се извлече со обидите да го релативизира случајот тврдејќи дека државната секретарка не учествувала во постапката. Државниот секретар раководи со целата администрација во секое министерство. Клинчарова била надредена на сите кои биле вклучени во тендерската постапка што завршила кај нејзиниот сопруг, вели Кузеска.

Ги повика ДКСК и ЈО веднаш да преземат конкретни чекори, бидејќи, како што кажа, „ова не е само прашање на злоупотреба на функцијата туку и директен удар врз довербата на граѓаните во институциите“.

-Мора да има целосно расчистување на коруптивните шеми на власта, а министерот Андоновски веднаш треба да поднесе оставка за да не влијае на постапката.  СДСМ нема да дозволи оваа афера да остане без санкција. Институциите мора да реагираат, а граѓаните заслужуваат одговорност и заслужуваат правда, рече Кузеска.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера на прес-конференција ги отфрли обвинувањата од опозициската СДСМ за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во ова Министерство. Кажа дека Министерството е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето.

Андоновски додаде дека државниот секретар во Министерството не учествува во ниту една постапка за јавна набавка, во ниту една фаза, а нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството, па затоа не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна. 

-Лага бр 1 на СДСМ е дека договорот е на сума од 2.5 милиони денари. Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е за скоро 40 отсто поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин, заштедени се околу еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направена анализа, направени се заштеди од 10 до 45 проценти по производ споредено со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект кој СДСМ го блокираше, е мала набавка во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните за до 40 отсто, рече вчера министерот за дигитална трансформација. нд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан