• четврток, 26 декември 2024

СДСМ и поранешниот директор на ТИРЗ со реакции по објавата на Мицкоски за инвестицијата на „Вабтек“

СДСМ и поранешниот директор на ТИРЗ со реакции по објавата на Мицкоски за инвестицијата на „Вабтек“

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат бесрамно да ја манипулираат јавноста со наводни нови инвестиции, но овој пат со потег кој е целосно потценување на интелегенција на граѓаните, реагираа денеска од СДСМ по објавата на Мицкоски дека американската компанија „Вабтек“ ќе инвестира во земјава 35 милиони евра и ќе се отворат 100 работни места.  

- Станува збор за барање на компанијата „Вабтек“ за проширување на операциите во државата. За ова нивно барање се водеше постапка одамна во рамки на институциите кај нас при што заради негативно мислење на Комисијата за заштита на конкуренција, тоа не се реализираше. Во рамки на овој процес имаше и судска постапка. ВМРО-ДПМНЕ изгледа смешно и наивно со своите промоции. Во отсуство на реална и сериозна дипломатска агенда на Самитот на НАТО, Мицкоски ја замајува јавноста со лажни ПР промоции, пишува во реакцијата на СДСМ.  

Оттаму посочуваат дека компанијата веќе 16 години работи во земјава и го повикаа Мицкоски да ги објави условите под кои ќе го проширува производството на компанијата Вабтек и што точно е договорено со компанијата.

Поранешниот директор на Дирекцијата на технолошко-развојните зони Јован Деспотовски во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека е добра вест што компанијата ќе ја реализира инвестицијата, посочувајќи дека повеќе од две години, тимот на ТИРЗ работел заедно со оваа компанија и заедно се бореле на суд. 

- Се боревме заеднички со предизвиците од различни институции. Институции и политичари кои заборавија дека работат за интересите на државата и граѓаните. Се боревме и на суд, каде добивме заедно со компанијата. Одлуката сè уште не е спроведена. Сепак, добро е што овие предизвици се сега минато. И затоа заслужува да се поздрави решеноста на Владата „да пресече” и оваа инвестиција која е важна за сите граѓани да се случи, напиша Деспотовски на „Фејсбук“.

Премиерот Мицкоски, кој ја предводи владината делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон, вчера во објава на Фејсбук ја најави инвестицијата на „Вабтек“. 

- По инвестицијата од 500 милиони долари на Алказар Енерџи во ветерен парк која е најголема во регионот и инвестицијата на германско белгиската компанија Епсотех Аим во Петровец од 20 милиони евра, американски Вабтек ќе инвестира во Македонија. Компанијата Вабтек е дел од петстоте најголеми компании во САД. Остварив средба со извршниот потпретседател на компанијата во Вашингтон каде што беше потврдена динамиката на реализација на новата инвестиција. Повеќе од 100 нови вработувања, инвестиција вредна 35 милиони евра. Ќе се инвестира во производство на сопирачки за шински возила. Поголем извоз за подобра иднина, напиша Мицкоски на Фејсбук. бак/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан