• понеделник, 23 декември 2024

СДСМ иницира и повикува да се формира Европски фронт, започнува постапка за избор на кандидат за претседател

СДСМ иницира и повикува да се формира Европски фронт, започнува постапка за избор на кандидат за претседател

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Извршниот одбор СДСМ на синоќешната седница започнал иницијатива за формирање на широк Европски фронт на сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ. Врз основа на овие политички принципи за формирање на Европски фронт, Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател.

- Изборите ќе бидат во редовен термин, а за СДСМ е прифатливо крајот на април и почетокот на мај 2024 година да се одржат претседателските и парламентарни избори. СДСМ е подготвена и во името на врвните државни и национални интереси оди на двојна победа на претседателските и на парламентарните избори наредната 2024 година. Заедно ќе ја формираме следната проевропска Влада и заедно ќе ја внесеме земјата во ЕУ, се посочува во соопштението од СДСМ.

СДСМ ги повикува сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во Европскиот фронт. СДСМ подава рака на сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика. Заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да го создадеме Европскиот фронт и да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година. Европски фронт за подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, социјална сигурност, владеење на право и унапредена демократија. Европски фронт за европски стандарди и европски вредности, посочуваат од СДСМ.  

Пред нашата земја и пред сите граѓани, според владејачката партија, е историска шанса за продолжување на европскиот пат и полноправно членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Во името на следните генерации имаме обврска да ја реализираме заедно.

СДСМ проактивно ќе учествува во формирањето на Европскиот фронт и подготвена е да води до остварување на врвната државна цел. ев/са/

ФОТО: Архива 

 

 

Остани поврзан