• четврток, 15 јануари 2026

СВР Тетово со низа мерки и постапувања во зимски услови за непречено одвивање на сообраќајот во Маврово и Попова Шапка

СВР Тетово со низа мерки и постапувања во зимски услови за непречено одвивање на сообраќајот во Маврово и Попова Шапка

Тетово,14 јануари 2026 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Тетово соопшти дека деновиве се постапува согласно годишен план во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.

Според СВР Тетово, на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот, но оценуваат дека поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот  и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај.

-За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема. Само на тој начин сите заедно ќе придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот. СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано, се вели денешното соопштение на СВР Тетово.

Од таму информираат дека пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржале состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што им било укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.ас/

Фото: СВР Тетово 

Остани поврзан