• среда, 25 декември 2024

Свечља: Вучиќ ќе биде затворен ако се обиде без дозвола да влезе во Косово

Свечља: Вучиќ ќе биде затворен ако се обиде без дозвола да влезе во Косово

Приштина, 30 јуни 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља порача дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе биде затворен доколку се обиде да влезе во Косово без дозвола од косовското Министерство за надворешни работи, како што е регулирано со договор меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Реакцијата на Свечља, преку порака на неговата Фејсбук страница, уследи откако денеска во општините во северно Косово, населени со српско мнозинство, се појавија плакати со фотографија на Вучиќ и порака на српски јазик „Врховен команданту, те чекаме“.

Косовскиот прв полицаец порача дека ако Вучиќ дојде без барање од МНР, ќе биде уапсен и испратен таму каде што се „некои негови пријатели“.

- Во текот на ноќта кришум залепиле некои постери на северот на Косово. Велат дека чекаат да дојде претседателот на Србија, нарекувајќи го „командант“. Ако е тргнат без барање до нашето МНР, и ние го чекаме да дојде и потоа можете да го посетите во затвор, каде што веќе се наоѓаат некои негови пријатели, напиша Свечља.

Постери, на кои се гледа Вучиќ и зад него припадници на српската војска, се појавија утрово залепени на згради, куќи, локали и во јавни простори во четирите општини на северот на Косово, населени со мнозинско српско население - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани изјави дека надлежните органи отвориле случај за „предизвикување омраза“. иа/
 

 
 
 

 

 

Остани поврзан