• понеделник, 23 декември 2024

Свечено се затвори Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ што се одржа во чест на Ацо Шопов

Свечено се затвори Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ што се одржа во чест на Ацо Шопов

Скопје, 28 јануари 2023 (МИА) - Свечено се затвори Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК), која беше во чест на Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање.

- Ќе започнам со тоа што ќе цитирам еден од нашите најголеми, најпочитувани професори, нашиот голем македонист, Блаже Конески, којшто велеше дека нашиот јазик е нашата вистинска татковина. Драго ми е што преку македонскиот јазик и вие добивте уште една татковина, но и пријател. Изминатите неколку денови, имавте доста интензивна работа. Македонскиот јазик можеби не е во петте најтешки јазици во светот, но вашиот труд, желба и интерес да го афирмирате, се импресивни и се за секоја почит, им посочи таа на присутните, рече министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска на денешното затворање на МСМЈЛК што се одржа преку интернет.

Навлегувајќи во македонското научно богатство, како што нагласи министерката, верува дека се дознало не само за јазикот, туку и за нашиот народ, за културата и за традицијата.

Во нејзиното обраќање, осврнувајќи се на значајноста на големиот јубилеј, ги нагласи и заложбите за активности што ќе следат по Третата зимска школа, а се дел од националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“, што започна да се остварува со оваа традиционална активност на МСМЈЛК при УКИМ.

Меѓу оние кои зборуваа за учеството, беше и Карла Шкрлец од Хрватска.

- Јас во животот имам учено повеќе јазици, ама не сум сигурна дека имам видено од некоја држава вака да се грижи за оние кои сакаат да го научат нејзиниот јазик, подвлече Шкрлец, додавајќи дека организацијата навистина е за пофалба.

Таа изрази надеж дека ќе бидат организирани уште многу вакви школи.

Пред присутните се обратија и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова - Чепишевска и ќерката на Шопов, Јасмина.

Инаку, наставата на Третата зимска школа била интензивна, со фонд од по 30 часа во групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството - основно, средно и напреднато рамниште. На Школата имало учесници од Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина.

Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година. бд/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан