• вторник, 24 декември 2024

Свечена академија по повод 75 години од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Свечена академија по повод  75 години од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Скопје, 21 мај 2024 (МИА) - Нема подобра инвестиција од онаа во образованието и истражувањето, оти развојот се темели и ќе остане да се темели на доброто образование, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вечерва, на свечената академија што по повод 75-годишнината од основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и одбележувањето на патрониот ден на Универзитетот.

Обраќајќи се пред претставници на академската заедница, на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, на дипломатскиот кор и други гости, таа потенцира дека судбина на нашата држава е да биде тесно поврзана со најстариот универзитет, и оти УКИМ секогаш ги чувствувал предизвицвите низ кои минува нашата држава. 

-Веќе неколку години по ред УКИМ е меѓу најдобрите 2000 светски  универзитети но беше и многу повисоко. Да се биде меѓу 2000-те е охрабрувачки меѓутоа ако фрлиме поглед на регионалниот и европскиот контекст ќе видиме дека состојбата не е многу сјајна затоа јас посакувам УКИМ да не биде само единствениот македонски универзитет на оваа ранг листа туку да се качи погоре на Шангајската листа. Оваа состојба ме тера да се запрашам дали најстариот и најголемиот универзитет чии кадри ја градеа оваа држава и се вградија во неа има шанси да се качи погоре. Сигурна сум. Одговорна држава ќе вложи во образованието и науката. Во образованието, науката и културата нема мали и големи држави, да не си го дозволиме луксузот да бидеме на крајот од оваа листа, рече Сиљановска Давкова.

Причините за ваквите состојби се многу, но нагласи таа потребни ни се вистински реформи што нема да завршат во слепи улици, туку обмислени и суштински реформи во високото образование со цел да создаваме генерации способни за предизвиците што ги носи дигиталната ера.

- Образованието мора да го приспособме на светските текови, да го димензионираме со реалните потреби на пазарот на труд, мора да зајакне врската меѓу образовните институции и компаниите. Мора да вложуваме во  истражувањето и во развојот. Така ќе ја намилиме невработеноста, така ќе го запреме егзодиусот на најумните. Свесна сум дека реформите бараат големи вложувања, пожртвуванмост каква што манифестираа нашите сесловенски и македонски просветители, рече Сиљановска Давкова. 

Ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова нагласи дека УКИМ е светилник на мудрост и знаење, расадник на идеи кои, како што рече, во современото општество како никогаш порано стануваат клучни фактори на универзален општествен развој.

-Славењето на овој ден има длабоко значење и секоја година на овој ден се потсетуваме кирило-методиевското дело и на духовно просветителската мисија и на заветот на словенските први учители светите браќа Кирил и Методиј. УКИМ е светилник на мудрост и знаење. Расадник на идеи кои во современото општество како никогаш порано стануваат клучни фактори на универзален општествен развој. Всушност, тие карактеристики се негуваат на нашите факултети и институти. Затоа, овој јубилеј е повик до сите, а посебно на нашите студенти да ги раскинат стегите кои општеството го држат во застарени формати и во својата енергија и креативност да почнат да го чекорат патот кон развиено и богато општество. Ако може со еден збор да се опише она што ја карактеризира нашата академска заедница, тоа е извонредноста, рече таа.

Ангелова потенцира дека УКИМ континуирано напредува во реализација на своите програми и стратешки цели.

-Напорот и трудот што го вложуваат луѓето на нашиот Универзитет стануваат се повидливи. А, угледот на Универзитетот во меѓународното опкружување расте. УКИМ е универзитет кој размислува за општеството. Мисијата на Универзитетот е образованието, науката и јавната одговорност, рече Ангелова.

На УКИМ има над 95 илјади дипломирани и над 21 илјада магистрирани студенти, меѓу 6 илјади доктори на науки на 23 факултети и пет научни институти. На УКИМ се акредитирани 624 студиски програми од кои 207 на првиот циклус на студии, 338 на вториот циклус на студии и 79 студиски програми за циклусот на докторски студии. Билатералната меѓународна универзитетска соработка, УКИМ ја остварува со преку 200 потпишани активни меморандуми и договори за соработка. вг/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан