• сабота, 23 ноември 2024

Светски познатиот Баланеску квартет утревечер во Филхармонија

Светски познатиот Баланеску квартет утревечер во Филхармонија
Скопје, 10 март 2022 (МИА) - Во просториите на Филхармонија во Скопје утревечер ќе настапи светски познатиот Баланеску квартет, а композициите што ќе бидат изведени се дело на фронтменот на квартетот Александар Баланеску од Романија. Поточно, ќе бидат изведени композициите од нивните изданија „Maria T“, „SoulEtide“ и „Luminitza“. Во квартетот настапуваат Јури Калнитс - виолина, Хелен Каминга - виола и Николас Холанд - виолончело. Како што посочи на Баланеску на денешната прес-конференција по повод најавениот концерт, музиката на „Maria T“ е инспирирана и посветена на Марија Танасе, големата романска пејачка, која пееше традиционални песни од Романија, давајќи им свој препознатлив личен печат. - Многу емотивно сум врзан со свој музички материјал, бидејќи овие песни го изразуваат есенцијалниот дух на романската поезија и филозофија, додаде Баланеску. За делото „SoulEtide“ напомена дека се зборува за духовно патешествие, а инспирација е неговиот личен живот како музичар. Како што рече, почнува со спомени од детството и се движи низ животот како своевидно патување - литературно, географско. Баланеску својата музика ја пишува од својата лична инспирација, а како што посочи на денешната прес-конференција, неговиот албум „Luminitza“ е инспириран од неговото враќање во родната држава Романија. - Овој албум го напишав кога се вратив повторно во Романија, по 22 години пауза. Со моето семејството заминавме во времето на режимот на Чаушеску и немавме можност да ја посетиме нашата татковина повеќе од две децении. Кога се вратив во Романија, многу емотивно го доживеав тоа, повторно се поврзав со семејството, станав свесен за политичката промена која повторно ја врати надежта за иднината. Во моментов светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму – вели Баланеску. Овој албум, како што рече, говори за надежта дека во кое било време, а особено во овие тешки времиња денес, единствено нешто што може да го спаси светот е музиката, уметноста и љубовта. - Сметам дека во овие тешки времиња е единствено музиката, уметноста и љубовта можат да го спасат светот, односно да не спасат нас самите. Единствено музиката и љубовта може да ни овозможи да се надеваме и да чезнееме за светлина и подобро утро, додаде фронтменот на квартетот. Неговата музика, како што напомена, е современа но подоцна посакал и да пишува музика која е повеќе емотивна, при што одлучил да се наврати кон корените, да го истражува фолклорот. Посочи дека најмногу го истражувал романскиот фолклор, но внимание посветил и на македонскиот фолклор за кој смета дека е многу богат. - Навраќајќи се кон фолклорната музика и фолклорниот идиом, се навратив кон самите корени, односно се приближував до луѓето, познавајќи ја тематиката на радоста и страданието. Кога создавам музика секогаш поаѓам од своето лично доживување и сметам дека може да се поврзам најмногу со луѓето преку правење музика низ мое лично чувство и на тој начин пркеу музика да се поврзе човештвото на еден универзален јазик, додаде Баланеску. Директорката на Филхармонија, Тина Иванова на денешната прес-конференција посочи оти е чест да го имаме Баланеску квартет на нашата сцена во Филхармонија, и посака слушателите да уживаат во нивните композиции. - Концертот на „Баланеску кварет“ претставува огромна чест и задоволство, посебно поради фактот што од отворањето на салата не сме имале настап на ваков исклучителнои познат и важен музички состав кој фигурира како еден од најпрогресивните на светската музика сцена. Ова е нивни втор настап во Скопје, првпат настапија пред 17 или 18 години, и се уште носат незаборавни спомени од овој концерт – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонија. „Баланеску квартет“ е формиран во 1987 година, и ужива репутација на еден од водечките состави за современа музика во светот. бт/сп/

Остани поврзан