• сабота, 23 ноември 2024

Светски ден на бубрегот: Секоја година 400 нови дијализни болни, неопходна превенција и рано откривање на болеста

Светски ден на бубрегот: Секоја година 400 нови дијализни болни, неопходна превенција и рано откривање на болеста
Скопје, 10 март 2022 (МИА) - Секоја година имаме многу нови пациенти со бубрежна болест кои започнуваат со потреба од заместителна терапија. Ако погледнеме на оваа пирамида на европските земји некаде далеку на дното на базата сме ние со највисок број пациенти кои имаат потреба од овој третман односно секоја година имаме 400 нови дијализни болни кои доживотно имаат потреба од овој третман. Ова денеска на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот го истакна доц. д-р Лада Трајческа од Клиника за нефрологија, презентирајќи податоци за тоа каде се наоѓа државава споредено со другите земји во однос на бубрежните заболувања. - Колку е ова страшно зборува податокот за последните 20 години од 2002 година надраснувањето на бројот на пациенти со потреба од редовна заместителна терапија е дури 67 проценти. Кај нас над 85 проценти од тие пациенти користат хемодијализа како третман, околу 12 проценти се трансплантирани..., рече Трајческа и додаде дека неопходно е информирање на граѓаните и превенција и рано откривање на болеста преку скрининг. На одбележувањето на Светкиот ден на бубрегот под мотото „Да се надминат непознавањата за да се зачува функцијата на бубрезите”, што го организираше Универзитетска клиника за нефрологија директорката на таа јавна здравствена установа, Ирена Бушлетиќ рече дека во текот на пандемијата бевме сведоци дека хроничната бубрежна болест беше една од причините за развој на тешките клинички форми на пациентите со Ковид-19 и причина за зголемен морталитет на најтешките пациенти во единиците за интензивна нега. Таа посочи дека неопходно е сите во својата област да ги акцентираат проблемите за да се преземат заеднички активности, да се работи за здравјето на пациентите и да се потенцира неопходноста од превенцијата за развој на хронична бубрежна болест. Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска рече дека секој орган во човечкиот организам има свое значење, но бубрезите имаат особено значајна улога, а со тоа грижата за зачувување на нивната функција претставува еден од врвните здравствени приоритети. Таа посочи дека 2022 година на светско ниво е прогласена за година на здрави бубрези за сите и со тоа превенцијата, раната дијагностика и успешниот третман на заболувањата на бубрезите се во фокусот на интересот. - Пред се треба да се насочиме кон споделување информации со цел пошироката јавност да се стекне со знаења како да ја подобри грижата за бубрезите. Еден од десет луѓе на светско ниво боледува од хронична бубрежна болест. Затоа за намалување на последиците клучно е спроведување кампања и активности за зголемување на свесноста за оваа болест. Убедена сум дека можеме да влијаеме во борбата со бубрежните болести и да придонесеме кон зголемување на грижата за здравјето на бубрезите кај нашата популација. Со тоа сите ќе придонесеме за подобрување на неповолната прогноза до 2040 година. Имено се вели дека бубрежните болести би биле петти најголем причинител за смртност во светот. Особено е значајно да не се штедат средства, ресурси за да се намали негативната статистика поврзана со бубрежните заболувања, рече Ѓоргиевска. Имајќи ја предвид долгата пандемија со Ковид-19, потенцира таа, свесни сме дека проблематиата со бубрежните заболувања слично како и со многу други заболувања дополнително е усложнета. - Секогаш е најдобро да се превенира и да се интервенира во почетна фаза. Колку порано се соочиме со бубрежни заболувања толку ќе биде помала потребата од хоспитализации, интервенции, дијализа и трансплантации, додаде Ѓоргиевска. Министерот за здравство Беким Сали истакна дека континуирано се вложува во унапредување на условите за третман на пациентите со бубрежни заболувања, обезбедување нова медицинска опрема за лекување, како и подобрување на условите за стручните тимови кои извршуваат исклучително сложени интервенции во оваа област.

- Изминатиот период Универзитетската клиника за нефрологија доби комплетно нов лик, со што значително се унапреди квалитетот на здравствената заштита за лицата со најкомплексни бубрежни заболувања. Извршено е комплетно реновирање на интензивниот оддел, како и одделите за хронична и акутна дијализа, одделот за трансплантација на бубрег, како и одделот за васкуларни пристапи. Направена е целосна замена на болничките кревети и набавена е нова медицинска опрема, меѓу која и најсовремени апарати за континуирани методи на хемодијализа за третирање на најкомплексните пациенти со бубрежно затајување, кои бараат интензивна нефролошка нега, рече Сали.

Тој ја спомна и програмата за трансплантација на органи и ткива на Министерството за здравство, со која се обезбедени средства за тимовите кои ги вршат трансплантациите од жив и починат донор.

- Охрабрува фактот што е во пораст бројот на семејства, кои се одлучуваат на исклучително хуман и солидарен чин, да донираат органи со што спасуваат човечки животи и го подобруваат квалитетот на живот на лицата кај кои се трансплантирани органите. Во континуитет се врши трансплантацијата на бубрези, и само минатата година се трансплантирани 16 бубрега. На крајот, како што гласи и мотото на денешниот ден, сакам да порачам дека само заеднички, со мултидисциплинарна соработка и единствен системски пристап можеме да ги надминеме предизвиците со кои се соочуваат лицата со бубрежни заболувања, со единствена цел да го заштитиме нивното здравје, додаде министерот Сали. рп/сп/

Остани поврзан