Светска премиера на „Прошетка“ на Елеонора Венинова на фестивалот во Леувен
- Краткиот филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова ќе ја има својата светска премиера на 29-то издание на Фестивалот за краток филм во Леувен, Белгија, кој е и квалификациски фестивал за Оскарите и Европските филмски награди.
Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Краткиот филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова ќе ја има својата светска премиера на 29-то издание на Фестивалот за краток филм во Леувен, Белгија, кој е и квалификациски фестивал за Оскарите и Европските филмски награди.
„Прошетка“ е еден од 35-те селектирани филмови одбран од вкупно пријавени 3240 филма, кој ќе се натпреварува во Европската селекција и тоа и за четири награди: награда од жирито, награда од филмаџиите, награда од публика, како и номинација за Оскарите и Европските филмски награди.
- Пресреќна сум што точно една година по снимањето на филмот „Прошетка“ тој ќе ја има својата светска премиера на фестивалот во Леувен. Снимањето беше доста сложено затоа што филмот е снимен во еден кадар, без скриени резови и ни беа потребни 95 обиди за да успееме. Всушност конечната верзија на филмот е и последната која ја снимивме на последниот ден од снимање. Ми беше огромно задоволство да работам со прекрасна екипа, која даде сѐ од себе за да направиме одличен филм со многу ограничен буџет, посочи режисерката и сценаристка на филмот, Елеонора Венинова.
Главните улоги ги толкуваат Билјана Драгичевиќ Пројковска и младата Надиа Кирковска, директор на фотографија е етаблираниот македонски кинематографер Фејми Даут, а филмот го продуцира Венинова заедно со Гоце Кралевски преку ТРИ ТОЧКИ продукција.
Филмот „Прошетка“ ја раскажува приказната за мало девојче кое низ разговор со непозната жена се обидува да открие што се случило со нејзината баба.
- Сценариото на многу едноставен начин се занимава со начините на кои вистината може да се артикулира со цел нејзината суштина, колку и да е болна, да стигне на своето место. Тоа е сценарио за важноста на сегашниот миг, мигот-живот, мигот-смисла, за повредувањето и свеста за повредата, намерноста или ненамерноста: за играта и за вистината како игра, за силата и значењето на зборот, вели главната глумица Билјана Драгичевиќ Пројковска.
Сценографијата е на Александра Петкова, костимографка е Жаклина Крстевска, шминката е на Ирена Сенокозлиоска, камера оператор и колорист е Ѓорѓи Клинчаров, дизајнер на звук Дарко Спасовски, монтажер Гоце Кралевски, а композиторка на музиката е Мартина Силјановска. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, во продукција на Три точки и во соработка со ДНФ Филм и Вардар Филм.бт/са/
Фото/ ТРИ ТОЧКИ Продукција