• понеделник, 23 декември 2024

Светска банка: Војната за десет пати ја зголеми сиромаштијата во Украина

Светска банка: Војната за десет пати ја зголеми сиромаштијата во Украина
Киев, 15 октомври 2022 (МИА) - Руските напади врз цивилната инфраструктура во украинските градови далеку од првите линии на фронтот ќе ја искомплицираат тешката економска ситуација со која се соочува земјата, каде сиромаштијата годинава веќе е десеткратно зголемена, изјави денеска Аруп Банерџи, регионален директор на Светска банка за Источна Европа. Банерџи кажа дека брзото обновување на електричната енергија во Украина по големите руски напади врз енергетската инфраструктура од оваа недела ја одразува ефикасноста на воениот систем, но дека руската промена во тактиката ги зголемува ризиците. -Ако вака продолжи, перспективата ќе биде многу, многу потешка, изјави Банерџи во интервју за Ројтерс. „Кога зимата навистина ќе почне да гризе... секако до декември или јануари, а доколку домовите не се санираат, може да има уште еден внатрешен бран на миграција, на раселување на луѓе, додаде тој. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на меѓународните донатори неделава им кажа дека на Украина и се потребни околу 55 милијарди долари за да го покрие очекуваниот буџетски дефицит за следната година и дополнителни 17 милијарди долари за да почне со обнова на клучната инфраструктура, вклучувајќи училишта, станови и енергетски објекти. Украинските власти нагласија дека им е потребна стабилна и предвидлива финансиска помош за да ја одржат владата во функција додека таа ги почнува клучните поправки и реконструкција. -Одговорот до Зеленски, испратен за време на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, како и на многу други состаноци одржани во текот на изминатите недели, беше охрабрувачки, рече Банерџи. „Повеќето земји ставија до знаење дека финансиски ќе ја поддржат Украина во текот на следната година, така што ова е многу позитивен исход“, рече тој и додаде дека до крајот на годината во сиромаштија би живеело 25 проценти од населението, додека пред војната во такваљ состојба имало нешто над два проценти од населението. Тој посочи дека оваа бројка може да нарасне дури и до 55 проценти до крајот на следната година. сд/

Остани поврзан