• понеделник, 23 декември 2024

Светот во 2020: Аја Софија - од црква до џамија

Светот во 2020: Аја Софија - од црква до џамија
Првично беше најпозната црква во светот, потоа најпозната џамија, се додека не е претворена во музеј. Но по судската одлука, со која е дозволено да се измени статусот на музеј, турските власти повторно ја претворија Аја Софија во џамија. Таквиот потег го подели јавното мислење во Турција и пошироко. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 10 јули официјално ја претвори Аја Софија во џамија и ја прогласи отворена за муслиманските верници, само неколку часа откако Врховниот управен суд во земјата ја поништи одлуката од 1934 година, со која овој објект од шестиот век беше претворен во музеј. Ердоган тогаш рече дека првите колективни муслимански молитви ќе се одржат во Аја Софија како во џамија на 24 јули, но додаде дека објектот ќе остане отворен за посетителите од сите вери и влезот отсега ќе биде бесплатен. „Заедно ќе одржиме молитва во петок во Света Софија на 24 јули и на тој начин ќе ја отвориме за муслиманските верници, изјави Еродоган во својот говор, додавајќи дека поранешната црква, една од главните туристички атракции во Истанбул, „ќе остане отворена за сите, Турци и странци, муслимани и немуслимани“. Државниот совет – највисокиот управен суд на Турција, пресуди во корист на групата која побара да се поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година, со која Аја Софија е претворена во музеј, бидејќи се сомнева во автентичноста на потписот на основачот на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк на тој документ. За своите 1.400 години постоење, Аја Софија беше главна катедрала на Византиското царство, џамија на Отоманското, а музеј во современата, републиканска и секуларна Турција во последните 86 години. Одлуката за нејзина повторна пренамена во џамија предизвика разочарување во христијанскиот свет. Но пред црквата многумина прославуваа и десетици луѓе кои ја чекаа одлуката на судот извикуваа „Алах е голем“ откако пристигна веста.   Само неколку часа по судската одлука, Ердоган потпиша указ со кој Аја Софија му се предава на турското Претседателство за верски прашања. Ердоган бараше овој објект, кој од 1985 година е под заштита на УНЕСКО, да биде повторно џамија, и покрај острите меѓународни критики – од САД, ЕУ до православните верски лидери. Таквиот потег може да ги продлабочи тензиите со соседна Грција. УНЕСКО изрази огромно жалење поради одлуката на турските власти да го „изменат статусот на Аја Софија“, донесена без претходен договор, потсетувајќи дека објектот се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО како музеј. Грчката Влада оцени дека одлуката на турскиот суд претставува „провокација кон цивилизираниот свет“. „Национализмот кој го покажува турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја враќа неговата земја шест векови назад“, нагласи тогаш грчката министерка за култура Лина Мендони. Монументалниот објект и архитектонското ремек-дело, изградено од византискиот император Јустинијан во шестиот век од нашата ера, отсекогаш било предмет на симболична политика. Кога Османлиите го освоиле Константинопол (Цариград) во 1453 година, султанот Мехмед Втори веднаш ја претворил црквата во џамија. Основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк во 1935 година ја претвори Аја Софија во музеј. Современа Турција е секуларна држава, гласеше пораката на тоа време. Симболичката моќ на ова светско културно наследство ја користи и турскиот претседател Ердоган. За многу од неговите националистичко-исламистички гласачи, Аја Софија е симбол на освојувањето на христијанскиот Цариград од Османлиите и надмоќта на исламскиот свет. Во 532. година, римскиот император Јустинијан, кој престојувал во Цариград, дал наредба да се изгради црква „каква што не постоела од времето на Адам и која никогаш и никаде веќе нема да има“. Точно 10.000 работници ја почнале изградбата. Петнаесет години подоцна овој објект беше осветен. Илјада години таа беше најголемата црква во христијанскиот свет. Овој експеримент отвори нови ровови. Вселенскиот патријарх Вартоломеј остро реагираше на претворањето на Аја Софија во џамија. Аја Софија е еден од најважните споменици на човечката цивилизација и таа не припаѓа само на нејзините непосредни сопственици, туку на „целото човештво“, истакна патријархот на литургија во Истанбул. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис нагласи дека „промената на статусот на Аја Софија не е знак за силата на Турција, туку доказ за нејзината немоќ“. Пренамената на Аја Софија беше остро критикувана и од Руската православна црква. „Загриженоста на милиони христијани е игнорирана. Одлуката на судот покажа дека сите барања се игнорирани“, изјави Владимир Легоида од Московската патријаршија. Папата Франциск една недела по одлуката за пренамена на Аја Софија, на Плоштадот Свети Петар во Рим истакна дека чувствува „огромна болка“ штом ќе помисли на заштитниот знак на Истанбул. Но и дел од турската јавност ваквиот потег на Ердоган го дочекаа со незадоволство. Али Бабакан, некогашниот соработник на Ердоган, истакна дека Аја Софија „сега станала тема, со цел да се забошотат другите проблеми во Турција“. Писателот и добитник на Нобеловата награда за литература, Орхан Памук во изјава за Би Би Си истакна дека ова претставува порака до светот дека Турција повеќе не сака да биде секуларна држава. Илјадници верници во Турција на 24 јули присуствуваа на првата молитва во Аја Софија откако таа од музеј стана џамија. Дел од нив беа внатре во објектот, а стотици други пред џамијата и настанот го следаа преку голем екран. Настанот го обезбедуваа повеќе од 17.000 полицајци. Во првите редови на џума намазот, кој се одржуваше првпат по 86 години, се наоѓаше и турскиот претседател Ердоган. Тој дојде еден час пред почетокот на петочната молитва, а насобраните верници го поздравија со аплауз и овации. За време на молитвата со бели драперии биле покриени христијанските мозаици. Како дел од воведените мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, предвидено беше молитвата да се изведува во пет зони на отворено, три за мажи и две за жени. Истовремено, на контролните пунктови, надлежните служби контролираа дали посетителите носат маски и им ја мереа телесната температура. На терен имаше и 736 здравствени работници распоредени на 17 локации, неколку десетици амбулантни возила, како и амбулантен хеликоптер. Аја Софија е четврта византиска црква претворена од музеј во џамија за време на владеењето на Ердоган. Таа е еден од најзначајните објекти на Истанбул. Со посетеност од страна на 3 милиони 727 илјади 361 лице во 2019 година беше најпосетен музеј во Турција. Габриела Точко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан