• вторник, 14 април 2026

Сајбер-експерт Пендаровска Крстевска за како паметно да ја користиме АИ без да не’ злоупотреби: Прашувајте ги чат ботовите како гостин, со општи форми, скријте си ја локацијата

Сајбер-експерт Пендаровска Крстевска за како паметно да ја користиме АИ без да не’ злоупотреби: Прашувајте ги чат ботовите како гостин, со општи форми, скријте си ја локацијата

Скопје, 13 април 2026, (МИА) 

Откако една од водечките светски компании за сајбер-безбедност „Сурфшарк“ направи анализа со која се покажа дека 10-те најпозначи чат-ботови буквално не’ соголуваат и ги собираат нашите лични податоци: каде сме, каде се движиме, какви политички погледи имаме, како и колку трошиме, дали вежбаме, но и податоци кои се однесуваат на нашите деца, МИА консултираше експерт за безбедност на податоци на интернет простор за тоа како можеме да бидеме попаметни – да ги користиме алатките на вештачката интелигенција, но сепак, да не оставиме многу податоци за компаниите што управуваат со нив. Љубица Пендароска Крстевска е меѓународен консултант за заштита на лични податоци, приватност и управување со сајбер безбедност. Таа предупрдува дека свесноста што е дигитален асистент, како работи и функцинира е на право место за наша заштита– вештачката интелигенција се храни од нашите податоци. Компаниите што управуваат со неа пак, доополнително соработуваат со маркетинг агенциите, па сме изолжени на спам пораки и реклами. Затоа таа советува кога ги прашуваме ЧатГПТ, Гемини, МетаАИ подобро да прашаме како гостин, без да сме логирани на сопствената сметка или пак, да користиме „резервна“ електронска адреса само за оваа намена. Второ, критични податоци – како сметки, семеен статус, телефонски број не треба да се дел од разговорот со чат-ботот. 

Најизложени на ризик се децата бидејќи го доживуваат ботот како „пријател“ или авторитет, а не како комплексен алгоритам за собирање податоци.Тие несвесно оставаат податоци споделувајќи интимни детали од секојдневието, семејни проблеми или училишни случки. Кај игриците што имаат и чат-бот тие знаат да издаваат и банкарски сметки. Децата мора да научат дека АИ нема чувства и не е чувар на тајни, туку се што си напишал е како да е објавено на јавен билборд!, вели Пендаровска Крстевска.

Најновите истражувања покажуваат дека чат ботовите што секојдневно ги користиме за најразлични прашања често посветени на приватниот живот, всушност собираат многу податоци од нашите разговори. Зошто на една вештачка интелигенција и требаат нашите информации, нели треба да е обратно?

Кога ги анализираме податоците што ги собираат АИ платформите, како релевантна почетна позиција секогаш треба да се земе фактот дека за сопствениците на АИ ботовите податокот е стратешки капитал, движечка сила. Истовремено, како корисници, мораме да прифатиме дека кај „бесплатните“ АИ алатки, производот не е софтверот, туку нашите податоци. 

Примарната цел на компаниите е т.н. алгоритамско учење. Тоа подразбира дека секоја наша интеракција е своевиден бесплатен „материјал“ за тренинг кој се користи за усовршување на јазичните модели, намалување на грешките и зголемување на ефикасноста на АИ. Колку е поголема базата на податоци, толку е помоќен финалниот производ, што на компаниите им носи доминантна комерцијална предност на пазарот.

Барате некоја информација за фитнес, здравје, финансиски навики, омилени предмети и покрај одговорот од вештачката интелигенција, на Фејсбук, Инстаграм, Јутуб ве бомбардираат реклами на овие теми. Како стигнуваат информациите од ботот до компаниите?

Во ова наше време, кога секоја форма на „внимание“ за жал, се смета за потврдување на нашата вредност, податоците се користат и за мошне прецизно корисничко профилирање. Иако транскриптите најверојатно не се продаваат директно, компаниите ги анализираат мета-податоците и контекстот на разговорите за да ги извлечат интересите, навиките и потребите на корисниците. И со тоа си овозможуваат хипер-персонализирано рекламирање (прикажување на таргетирани понуди врз основа на вашите приватни или деловни дилеми) и споделување со трети страни, кое што подразбира пренос на прочистени аналитички увиди до маркетинг агенции, што често води до губење на контролата врз личните информации и ризик од несакани спам пораки.

Добро, но што на МетаАИ би му значело која раса или политички прогледи ги има тој што бара дигитален асистент за некоја проверка или информација? Од друга страна го имаме кинескиот Дипсик од кого хакери собраа еден милион разговори баш затоа што чува податоци...

Најкритичен аспект е секако, местото каде што се судираат користа и ризикот, или поточно каде што на удар е интегритетот на индивидуалниот идентитет. Додека од една страна податоците помагаат во заштита од измами, од друга страна нивното масовно акумулирање создава т.н. „honey pot“ ефект – привлечна мета за хакери. Тука, како илустрација би ги споменала: кражба на идентитет и фишинг, што подразбира при пробивање на системите, напаѓачите добиваат пристап до автентични разговори, што овозможува застрашувачки прецизен социјален инженеринг и манипулација; Загрозување на интелектуалната сопственост, односно постои реален ризик одредени корпоративни тајни, внесени од невнимателни вработени, ненамерно да бидат репродуцирани од моделот пред други корисници.

Кои се Вашите препораки да бидеме попаметни од вештачката интелигенција: да сме логирани на сопствена сметка, или да прашуваме како гостин?

Во светот на вештачката интелигенција, најдобрата заштита произлегува од свесноста дека секој внесен збор потенцијално станува траен дигитален отпечаток. Притоа, сакам да потенцирам дека овие алатки нудат многу предности, но само ако научиме како да ги користиме и како тоа да го правиме безбедно. Па еве неколку практични совети:

Претпоставувам дека ја имате дилемата дали да пристапите преку сопствена сметка или преку „Guest“ режим. Оваа одлука е битна бидејќи како ќе пристапите до алатката директно влијае на нивото на вашата анонимност: Ако користите без најава (Log out/Guest mode), тоа се смета за генерално побезбедната опција за приватност. Кога не сте логирани, на компанијата ѝ е многу потешко директно да го поврзе вашето прашање со вашиот реален идентитет (е-пошта или телефонски број). Доколку пак користите/пристапувате со сметка, тоа овозможува персонализирани функции и историја на разговорите, но го олеснува вашето профилирање. Доколку морате да бидете логирани, користете алтернативна (burner) е-пошта која не е поврзана со вашите социјални мрежи или банкарски сметки.

Важно е да се напомене дека и при користење на АИ, најголемата заштита не е во тоа како сте најавени, туку што пишувате како содржина, значи истиот пристап како и со социјалните мрежи. Затоа, никогаш не споделувајте чувствителни податоци како адреси, матични броеви, лозинки или приватни документи. Битно е да се избегнува наведува на некои специфичност, односно наместо да внесувате конкретни имиња на луѓе или фирми, поставувајте ги прашањата во општа форма. 

Имајте постојано на ум дека и кај АИ алатките има поставки за приватност, па оттука не препуштајте сè на автоматизмот, туку преземете контрола преку техничките поставки, како што се: опција да забраните вашите разговори да се користат за идно тренирање на алгоритмот; бришете ја историјата на разговори. Колку помалку податоци остануваат на нивните сервери, толку е помал ризикот во случај на хакерски напад или системско пробивање. За максимална безбедност, интегрирајте помошни технологии (користете VPN за да ја скриете вашата реална локација и IP адреса, прелистувачите како Brave или „Incognitо“ режимот помагаат да се спречи следењето преку колачиња (cookies)) итн.

Се почесто овие АИ ботови ги користат и децата, и за учење и за забава, во игрици каде онлајн купуваат т.н. гаџети, па несвесно „издаваат“ некои податоци за себе и своите блиски...

Кога станува збор за најмладите, ризикот при користење на АИ алатките е значително поголем поради природната тенденција децата да го доживуваат ботот како „пријател“ или авторитет, а не како комплексен алгоритам за собирање податоци. Оваа погрешна перцепција ги прави исклучително ранливи на повеќе начини. Најпрво, децата често користат АИ за забава, споделувајќи интимни детали од секојдневието, семејни проблеми или училишни случки. За нив тоа е само разговор, но за системот тоа е контекстуално профилирање. На овој начин, тие несвесно го градат своето дигитално досие (име, адреса, навики) уште пред да станат полнолетни, што може да има долгорочни последици врз нивната идна приватност.

Интеграцијата на АИ во игрите за деца каде постојат микро-трансакции претставува сериозна „безбедносна дупк“. Во желба за напредок во играта, децата често се подготвени да внесат податоци од платежните картички на родителите директно во прозорците за разговор. Овие информации се лесна мета за фишинг напади, измами и неовластени трансакции, бидејќи децата не знаат кога комуницираат со нерегулирана платформа.

Кога децата го користат АИ за училишни задачи, тие можат ненамерно да внесат податоци не само за себе, туку и за своите соученици или наставници. Покрај ризикот од прифаќање неточни информации како апсолутна вистина, постои и реална опасност од компромитирање на приватноста на целата нивна училишна средина.

Како да делуваме во услови кога сеуште нема соодветна регулатива и пракса на заштита е можеби најголемиот предизвик. Одговорноста за безбедноста на децата е споделена помеѓу родителите, наставниците и технолошките компании, но и на државата. Децата мора да научат дека АИ нема чувства и не е чувар на тајни, туку се што си напишал е како да е објавено на јавен билборд!

Неопходно е користење на родителски контроли и посебни „детски“ сметки каде што е оневозможено купувањето. Историјата на разговори треба редовно да се следи за да се воочат евентуални несоодветни обрасци.

Златно правило е дека на ниту еден АИ интерфејс не се пишуваат броеви на картички или лозинки. За плаќања мора да се користат исклучиво официјални и заштитени системи.

Целта не е да се забрани користењето на АИ, туку децата да се научат да бидат паметни корисници, а не бесплатни извори на податоци за корпоративните алгоритми.

Има ли начин се’ ова да се регулира, па заштитата да не остане само работа на корисникот туку и на самите компании за вештачка интелигенција, или на државата?

Она што сите мораме да го разбереме е дека вештачката интелигенција е фундаментална промена во начинот на кој ракуваме со знаењето и приватноста, нов пристап кон податоците и нивното комбинирање. И самиот факт што за неколку секунди буквално добиваме одговор на некое прашање за кое претходно ни биле потребни денови, ја менува и нашата перцепција за знаењето и вистината. Но, затоа треба да се биде уште посвесен дека користењето на АИ чатботи не е „неутрална“ активност, туку дека секоја интеракција остава дигитална трага. Затоа, во балансот е клучот! 

Технологијата речиси без исклучок се развива побрзо од законите, но постоечките рамки како што се GDPR и новиот EU AI Act поставуваат суштински стандарди кои се однесуваат на АИ. Па така, регулативите ги принудуваат компаниите јасно да дефинираат кои податоци се собираат и со која цел. Корисникот мора да го задржи правото на пристап и бришење на своите информации, податоците не смеат да останат заробени во таканаречени „црни кутии“.

Мора да постојат строги законски бариери за употреба на АИ кај ризични категории (како малолетници) и забрана за неетички практики како биометриска идентификација или социјално бодирање. Регулативата треба да штити без да ја задуши иновацијата која ни е потребно за да се развиваме како човештво.

Сите ние, како корисници, мораме да излеземе од зоната на „наивна доверба“ и да практикуваме дигитален суверенитет базиран на разбирањето дека секоја „бесплатна“ алатка ја плаќаме со нашиот идентитет. Па затоа, АИ ботот треба да се третира како јавен простор, а не како приватен разговор.

Мора да развиеме свесност дека АИ е статистички модел кој може да „халуцинира“. Значи, и покрај тоа што преку АИ добиваме одговори, сепак корисниците треба да бидат информирани, да ги проверуваат изворите и да не дозволат АИ да стане единствениот филтер за нивната реалност, „ексклузивен чувар на вистината“.

И за крај, и историски погледнато, технологијата мора да му служи на човештвото, а не обратно. Етиката мора да биде над профитот, а државата и регулативата мора постојано да се трудат да го обезбедат и гарантираат тоа!

Како што погоре споменав, иновацијата е таа што го движи човештвото напред, но само доколку е поставена и се држи на здрави темели. И да, потребата од баланс во постапувањето и однесувањето била и ќе биде главната водилка и во однос на АИ алатките – предизвик со кој мора постојано и свесно да се соочуваме! /дј

 

Остани поврзан