• понеделник, 23 декември 2024

Саудиска Арабија и Австралија најавија кандидатури за Мундијалот во 2034

Саудиска Арабија и Австралија најавија кандидатури за Мундијалот во 2034

Ријад, Канбера, 5 октомври 2023 (МИА) – Саудиска Арабија објави денеска дека сака да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2034 година, а таква можност најави и Австралија.

Саудиските фудбалски власти посочија дека сакаат да организираат „турнир од светска класа“, додавајќи оти инспирацијата ќе ја црпат од „длабоко вкоренетата страст кон фудбалот“.

Ова доаѓа откако ФИФА вчера објави дека Мароко, Португалија и Шпанија ќе го организираат Мундијалот во 2030 година, а веднаш потоа ги повика земјите од регионот на Азија и Океанија да поднесат кандидатури за организација на Светското првенство 2034.

Австралија, која во 2006 година прејде во Азиската конфедерација од Океанија, соопшти дека ништо не се променило во нејзината намера да се кандидира за домаќин на Мундијалот 2034.

„Како што порано беше наведено, Фудбалската федерација на Австралија ја разгледува можноста да се натпреварува за организација на Светското клупско првенство 2029 или Светското првенство 2034“, изјави нејзиниот претседател Џејмс Џонсон.

Крајниот рок за поднесување кандидатури за организација на Мундијалот 2034 истекува на 31 овој месец. ег/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан