• среда, 27 ноември 2024

Санду: Молдавија е во клучен момент кога треба да направи одлучувачки чекор кон ЕУ

Санду: Молдавија е во клучен момент кога треба да направи одлучувачки чекор кон ЕУ

Букурешт, 6 март 2024 (МИА) - Претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, во Букурешт изјави дека нејзината земја се наоѓа во клучен момент кога треба да направи одлучувачки чекор кон Европската унија, пренесе агенцијата Аџерпрес.

Санду потсети дека во ноември ќе се одржат претседателски избори во Молдавија, како и референдум за интеграција во ЕУ.

Во декември 2023 година, малата поранешна советска република доби зелено светло од ЕУ за почеток на преговори, заедно со Украина, за приклучување кон 27-члениот блок.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду е во посета на Букурешт за да учествува на Конгресот на Европската народна партија, кој започнува денеска, а ќе продолжи утре. Санду вчера се сретна со претседателот на Романија, Клаус Јоханис и со премиерот Марсел Чолаку, а синоќа учествуваше на гала-вечерта насловена „Жените во економијата“, организирана од Националната конфедерација на жени претприемачи.

„Молдавија се наоѓа во клучен момент кога треба да направи одлучувачки чекор кон Европската унија, во ноември ќе има претседателски избори, но и референдум, на кој ќе побараме од народот со своите гласови да потврди дека одлуката што ја имаме преземено, да се приклучиме кон Европската унија без двоумење, е единствениот начин за демократска, просперитетна и без војна Молдавија“, рече Маја Санду на настанот посветен на жените во економијата.

Според Санду, многу години политичарите во Молдавија немале храброст да дефинираат директен и јасен пат за земјата.

„Молдавија остана на крстопат, верувајќи дека тоа ќе и користи. Некои навистина победија и станаа доволно богати за да имаат за десет животи, но народот на Молдавија беше ограбен и принуден во многу случаи да ја бара својата среќа во други земји“, рече Маја Санду.

Според неа, референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ ќе биде момент на „храброст и одговорност“, преку кој молдавските граѓани ќе се изјаснат дека се дел од демократска и мирна Европа и дека сакаат да ја градат својата европска иднина.

Претседателката на Молдавија истакна дека Романија е главен трговски партнер и најважен инвеститор во нејзината земја. Таа им се заблагодари на романските претприемачи кои инвестираат или размислуваат да инвестираат во Молдавија.

„Нашата земја беше сериозно погодена од руската варварска војна против Украина. Воената интервенција создаде многу страв низ целиот свет, но особено во Молдавија. Тешко е да се игнорира фактот дека има војна на вашата граница“, рече Маја Санду. паг/

Фото: ЕПА


 
 

 

 

Остани поврзан