• петок, 27 декември 2024

Самохраните родители немоќни и заборавени во бесконечната борба против системот

Самохраните родители немоќни и заборавени во бесконечната борба против системот
Скопје, 6 март 2021 (МИА) - Ковид кризата не само што го измени темпото на живеење кај луѓето, туку „удри“ и по економијата. Со цел да се помогне на оние кои беа најпогодени од пандемијата, нашата Влада креираше пет пакети за економска помош и поддршка. Во еден од овие пакети беа вклучени и самохраните родители. Но кога ќе ги ставиме фактите под лупа доаѓаме до низа проблеми кои се поврзани со оваа група на граѓани. Првенствено се поставува прашањето колку реално пакетите им ги ублажија последиците од пандемијата на самохраните родители? Ова прашање го упативме до организаците кои одблиску ги следат предизвиците со кои секојдневно се соочуваат самохраните родители. Во разговор за МИА од организацијата „Една може“ изнесоа низа аргументи преку кои може да се дојде до еден заклучок- волјата на Владата да помогне сепак била уверлива и реална само на хартија, но не и во пракса. -Случајно или не, Владата на самохраните родители им даде само пет дена да ја соберат потребната документација доколку сакаат да ја добијаат еднократната финансиска помош во вредност од 6.000 денари, онаа мала група која имаше доволно среќа некои од документите веќе да ги поседува успеа во рамките на рокот успешно да ги поднесе, но сепак среќата на дел од оваа мала група самохрани родители ги напушти позади затворените врати на институциите, со други зборови и покрај исполнетите услови тие беа одбиени без образложение, тврди во разговор за МИА Дороти Пачкова, родов експерт, основач на организацијата „Една Може“. Владата пак, вели дека најголем дел од оние што не добиле едократна помош, не поднеле барање со документација до Центрите за социјална работа, што било основа по која се правела листата според која се исплаќаат, а е законска обврска. Од организацијата за МИА тврдат дека и покрај сите овие проблеми околу документите и неисполнливиот рок за поднесување на истите, дополнително информираноста била несоодветна и ненавремена. - И покрај тоа што од Управата за водење на матични книги, имаат законска временска рамка за издавање на каков било матичен документ од десет работни денови или две недели, рокот за аплицирање со новоизвадени изводи од мајката и детето, за оваа наменска мерка, беше пет работни денови. Врз основа на сето тоа имавме поднесено над триесет жалби, вклучително и групна жалба, меѓутоа не добивме никаков повратен одговор. За жал, одговор не добија ниту онаа мала подгрупа на самохрани мајки кои успеаја да аплицираат, ги исполнуваа двата наведени услови, но сепак беа одбиени без образложение, вели Пачкова. Сепак, од Владата уверуваат дека Генералниот секретаријат, како надлежен за спроведување на антикризните мерки, најтемелно го разгледува секој поединечен случај, кога станува збор за пакет мерките во кои беа вклучени самохраните родители. -Одбиени по поднесен приговор се вкупно 3.196 самохрани родители. Најголем дел од одбиените се поклопуваат со веќе искористена финансиска поддршка од третиот сет мерки по друг основ и тоа како активни баратели на работа или како вработени со примања до 15.000 денари, велат од Владата за МИА. Дека еднократната финансиска помош не им помогна на самохраните родители сведочат и од здружението ЕСЕ. Истакнаа дека помошта од Владата не успеала да ги задоволила ни минималните потреби кај овие родители. -По однос на пакет мерките од Владата, клиентките изразија големо незадоволство бидејќи не ги задоволиле минималните потреби, а во однос на ваучерот за туризам изјавија дека воопшто не го искористиле поради неможност да обезбедат дополнителни средства за превоз или останати пропратни трошоци, изјави за МИА Борјан Павловски, координатор на програма Јавно здравје и здравје на жените Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Владата информира дека во државава вкупно 1.175 самохрани родители добиле финансиска поддршка од 6.000 денари. Како што тврдат од „Една Може“ петтиот пакет мерки не ги опфаќа самохраните мајки воопшто, исто како првиот, вториот и третиот сет на мерки. Непознавањето на проблематиката и донесувањето на нестручни одлуки – главна причина за негативното влијание врз севкупното живеење на самохраните родители Проблемот со добивање помош со предвидениот четврт пакет мерки, не е единствениот предизвик, со кој овие родители мораа да се соочат во овој кризен период. Ковид-19 го отежна секојдневниот живот за сите граѓани, а секако и за самохраните родители. Со појавата на пандемијата се појави и најголемиот предизвик со кој мораа сами да се соочат, а тоа беше да не го изгубат своето работно место поради грижата за децата кои следеа училишна настава од дома. За време на карантинот кој се спроведе во нашата земја се затворија училиштата, многу од самохраните родители не беа ослободени од своето работно место, па како резултат на тоа многу од нив не беа во можност да ги чуваат своите деца или им беше одземена можноста да заработуваат за егзистенција. Според спроведените истражувања од страна на „Една може“ најголем број од родителите сметаат дека решенијата треба да се однесуваат на ослободување од работа или работа со скратено работно време, како и опција за отварање на дневен центар за дечињата. -Кога нивните предлог опции, ги компариравме со решенијата кои се донесени во другите држави од овој дел од ЕУ, сфативме дека функционираат и во пракса, за жал на некои посреќни места. Кај нас останува да се мултиплицира дискриминацијата, да се продлабочува женската сиромаштија и да се трауматизираат трансгенерациски и жените и децата, нагласи Пачкова за МИА. Пандемијата рамо до рамо со сиромаштијата Како да се изедначат трошоците со приходите? Прашање кое што го мачи секој просечен граѓанина во државава. Проблемот станува поголем кога ќе земеме предвид дека единствен раст кој го предизвика пандемијата е во делот на сиромаштијата. Утешно, на листата на истражувањата направени од страна на Глобал инсајдер нашата држава не се наоѓа меѓу петнаесетте најсиромашни држави, но несомнено ја нема ни на листата најбогати. Дополнително последните анализи на Светската банка потврдуват зголемување на сиромаштијата насекаде во светот па и кај нас, но колкава е тежината на сиромаштијата во една држава кога месечните примања не можат да ги покријаат ни половина од трошоците кај еден просечен Македонец. Државниот завод за статистика наведува дека едно лице во домаќинството за изминатата 2019 година само за лична потрошувачка, храна и безалкохолни пијалоци, облека, обувки и образование потрошило во просек околу 134.365 денари, тоа за два члена би било повеќе од 200.000 денари, додека пак тоа месечно се околу 22 илјади денари, меѓутоа ако ги земеме предвид и станарината, даноците, опремата за куќа и нејзино одржување, комуникации и други трошоци сумата драстично би се зголемила, со што доаѓаме до заклучок дека со овој проблем во 2019 година не се соочиле само семејствата со два члена туку и секој просечен граѓанин во државава кој што имал месечни примања не поголеми од 20.000 денари. Проблемот добива на тежина доколку се погледне спроведената анкета од страна на „Една може“ во 2018 година, на која одговориле 100 испитанички – самохрани мајки, па така според добиените информации: -Цели осум отсто живеат со приходи помали од 5.000 денари на месечно ниво -Со нула денари прилив на финансиски средства четири отсто од ипитаниците -четириесет и пет отсто живеат со месечни примања од 12.001 до 21.000 денари -триесет и три отсто живеат со месечни примања од 5.001 до 12.000 денари Од Владата информираат дека согласно Законот за  социјалната заштита, самохран родител кој живее во  домаќинство кое е материјално необезбедено и нема имот и имотни права од кои може да се издржува, може да оствари право на гарантирана минимална помош. Основицата на правото на гарантирана минимална помош изнесува 4.000 денари месечно и се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година. -Висината на правото се зголемува согласно еквивалентната скала за коефициент од 0,5 за самохрана жена за време на бременоста еден месец пред породувањето и самохран родител до започнување на основното образование на детето, но најдоцна до седум годишна возраст на детето, а заклучно до третото дете. За лицата/домаќинствата во ризик поради материјална необезбедност и користат гарантирана минимална помош, добиваат и надоместок од 1.000 денари месечно во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење. Со оглед дека состојбата со пандемијата Ковид-19 продолжи и во 2021 година, а со цел за обезбедување на полесен пристап до остварување на правото на гарантирана минимална помош во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), донесен е Закон за дополнување на Законот за социјалната заштита, со кој пропис се овозможи домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, да остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството непрекинато за времетраењето на оваа состојба, велат од Владата за МИА. Исто така, од владината служба соопштија дека со напоредната реформа во областа на заштитата на децата, се овозможува за прв пат корисниците на гарантирана минимална помош да можат да користат детски додаток и образовен додаток за деца кои редовно посетуваат настава во основно и средно училиште, заради поддршка на родителите во подмирувањето на училишните трошоци, со што се превенира раното напуштање на училиштето. Самохраните родители со врзани раце пред јазолот на законот Согласно Законот за социјалната заштита, во Република Северна Македонија самохран родител е оној родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности. Според Пачкова оваа дефиниција претставува голем проблем и потребна е посебна дефиниција за самохраните родители. - Во изминативе години дефинираноста речиси и да не постоеше, па се извлекуваше од едно спомнување во Законот за детска заштита, сега се дефинирани во Законот за социјална заштита.  Најголем проблем за кој се заложуваме од самиот почеток на формирање на нашата граѓанска организација, е реалната вклученост во креирањето на соодветни јавни политики кои се однесуваат на самите самохрани родители, во истите. На пример, никој никогаш, од ниту една власт, не ги вклучува како целна група, во креирање на мерките и политиките кои се однесуваат на нив. Небулоза е да креирате социјални економски или какви било услуги, а да не ја познавате целната група за која се создадени. Понедемократски од ова ако мислиме дека не може да биде, еве, не вклучуваат ни експертки кои магистрирале, докторирале на темава, ниту пак експертски граѓански организации, потенцира таа. После сето ова, според неа се добива впечаток дека тенденцијата да се креираат политики зад затворени врати, преку ноќ, како што била долгогодишна пракса, сега станала општоптифатен начин на градење општество. -Пред ваквите политики, ние, слободните и свесни за ова, не смееме да молчиме, посебно имајќи ги на увид последиците од несоодветно скроеното милје кон жените и дечињата, во нашиов случај. Она за кое се заложуваме е не само да сме вклучени на ниво на параван, туку активно да ги креираме мерките според специфичните потреби на еднородителските семејства, додаваат од таму. Единствената евиденција со која располагаат во Министерство и труд и социјална политика е направена врз основа на на користење на некое право од социјалната и детска заштита. -Недопустливо е после повеќе од шест години, отворено и транспарентно застапување и лобирање, со конкретни најсоодветни предложени политички решенија, да се шлапне дефиниција која ги исклучува најголемиот број на еднородителски семејства и самохрани родители. Нашата организација, како и поголемиот дел од светот, таргетира и посочува на повеќе подгрупи самохрани родители, според контекстот на настанокот на семејствата. Според различностите, овие семејства имаат и различни потреби кои бараат различни третман и мерки кои ќе ги одведат до живот на благосостојба. Моменталното дефинирање опфаќа само две од осумте таргетирани подгрупи, и тоа оние семејства каде има починат еден родител, и оние каде не фигурира втор родител во изводот, арно ама пак и вторава група е оневозможена да се приклони кон дефинираноста, во оние случаи каде мајката се премажува или стапува во вонбрачна заедница да живее со партнер, велат од „Една може“. Во европски развиените земји еднородителски семејства, а кај нас самохрани родители  без јасна дефиниција во законот На прашањето како самохраноста е дефинирана во други земји на ЕУ, од организацијата „Една може“ ни одговорија дека семејство со еден родител е дефиниранo како „семејства со еден родител се оние семејства во кои децата живеат само со еден родител без уште еден сопружник или партнер, самостојно или во повеќечлено домаќинство”. Според нив тоа е дефинцијата која што е најприфатлива и најдемократска , заклулува дека овие семејства треба и кај нас да си имаат посебен закон со посебна дефиниција и да бидат признаени како еднородителски семејства. Додаваат дека дефиницијата може повеќеслојно да интегрира различни категории на самохрани родители, вклучително сите осум таргетирани подгрупи од големата група самохрани родители и еднородителски семејства. Меѓутоа, дека иднината на децата со еден родител не зависи само од финансиската помош, сведочи самохраната мајка Оливера Ѓорѓиевска, која пред камерите на МИА се отвори и призна дека најтешко и паѓа кога ќе помисли дека не може да го продолжи школувањето на синот и да го запише на факултет. Таа во разговор рече дека не може да ја исполни желбата на нејзиното дете затоа што тоа за неа е финансиски неизводливо. -Постои дека сум самохран родител, никој ништо да се јави да помогне, откако почина мојот сопруг ништо од државата немаме добиено, ниту да видат каде живееме ниту со што живемее, како опстојуваме, во социјално ми рекоа тоа е тоа, нема работа ете колку толку земаш 8.000 наследна пензија од сопругот, но ќе останеме и без таа пензија откако синот за неколку месеци ќе заврши средно, ама и да продолжи да се шолува со тие пари не можеме никако да опстоиме, тука сум под кирија дојдена за да најдам работа, заради полесна егзистенција. Од никаде немам некоја поддршка, да ме поддржи да најдам работа стабилна со постојана плата, осигурана и пријавена, јас би била задоволна со толку, изјави Ѓорѓиевска во разговор за МИА. Пачкова во разговор за МИА се согласи дека и те како се потребни и други облици на поддршка, со што ќе им се овозможи помош на жените и нивните деца во секојдневното функционирање од нивниот не толку застапен семеен конструкт. Како што кажа, тие веќе поднеле иницијатива за олеснување на трошоците при запишување во градинки и универзитети, но наишле на затворени врати. -Потребна е финансиска поддршка како посебен додаток, специфичен за нас, потребни се даночни ослободувања, потребен е посебен детски додаток и дневни центри за згрижување на децата како и едукациони центри за зајакнување и на жените и на децата. Ние како организација започнавме иницијатива, која беше усвоена, да еднородителските семејства бидат ослободени од плаќање партиципација во градинките, нормално со доказ дека се самохрани родители. Исто така во изминатите три години, децата студенти/ки, користат можност за плаќање на половина партиципација на државните Универзитети. Меѓутоа во другите области како што е поширокото образование, вработувањето и пристапноста кон јавните сфери, сеуште не е пронајдена политичка волја за имплементирање на решенија за намалување на економскиот товар кон овие наши семејства, вели Пачкова за МИА. Од друга страна Министерството за труд уверува дека лицата/домаќинствата во ризик поради материјална необезбедност користат гарантирана минимална помош, добиваат надоместок од 1.000 денари  месечно во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење. Како и дека со реформата во областа на заштитата на децата, се овозможува за прв пат корисниците на гарантирана минимална помош да можат да користат детски додаток и образовен додаток за деца кои редовно посетуваат настава во основно и средно училиште, заради поддршка на родителите во подмирувањето на училишните трошоци, со што се превенира раното напуштање на училиштето. -На овој начин се обезбедуваа семеен пакет за најзагрозените домаќинства, вклучително и за самохраните родители, велат од Министерството за МИА. Но, и покрај сите заложби на Министерството и Владата да им го олеснат животот на самохраните родители, се чини дека истите во пракса не делуваат, барем не за самохраната мајка Оливера Ѓорѓиевска, која во разговор за МИА отворено призна дека не добива никаква помош од државата. Оваа самохрана мајка не губи надеж дури и во деновите кога е најтешко, вели- „Морам да останам силна, не за себе, туку за моето дете“. За секојдневната битка, за животните неправди и стигматизацијата во државава, за тоа како изгледа една битка во општество исполнето со претешки предизвици мајката детално раскажа. Нејзиното сведоштво ќе биде опфатено во вториот дел од темата, која ќе биде објавена утре. Автор: Симона Србиноска ФОТО: Фросина Насковиќ и МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан