• сабота, 23 ноември 2024

Самит на НПЖП: Да се намали нееднаквоста во платите, да се креира околина и фонд за поддршка на женското претприемништво

Самит на НПЖП: Да се намали нееднаквоста во платите, да се креира околина и фонд за поддршка на женското претприемништво

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) -  Бранка Настеска од „Настеска ЛБ консталтинг и финансии“ е добитник на наградата најдобра жена претприемач во категоријата на микро компании, Хајрули Душурини од пекарата „Дрини“ во категоријата мали компании, а Горица Спасевска, основач на Соко Горица во категоријата средни компании. 

Наградите беа доделени на Третиот Самит за женско претприемништво, што се одржува од денеска во Скопје, во рамки на проектот Национална платформа за женско претприемништво (НПЖП), кофинансиран од Европската Унија.  Се споделуваат најдобрите практики и идеи за промоција, развој и поддршка на овој вид претприемништво.

Како што беше истакнато на отворањето на самитот, платите на жените во државава се за 17.5 проценти пониски од тие на мажите. Нивните бизниси се застапени само со 30 проценти и не е искористен потенцијалот со кој можат да ја подобрат состојбата во економијата. 

-Капацитетот на жените во бизнисот не е искористен затоа што помалку од 30 проценти се жени сопственици на бизнис, а помалку од 50 проценти се активни на пазарот на труд поради што мора да работиме на зголемување на нивниот капацитет како економски ресурс. Повеќето од жените се во микро и малите претпријатија, а многу малку во големите компании, што значи дека она што го работат жените е со мал обрт и со малку вработувања и тоа е она на кое треба да посветиме внимание, изјави Валентина Дисовска, претседателка на Здружение на бизнис жени и на Националната платформа на женско претприемништво.

Според неа, потребна е едукација, препознавање на добри практики и менторство, како и посветеност од институциите за подобрување на состојбите, меѓу останатото со фонд за поддршка за жени претприемнички. 

-Треба да креираме околина за женско претпримеништво, да ги освестиме жените, да ги едуцираме како се работи бизнис бидејќи влегуваме во бизнис онака како што знаеме, без едукација, без вештини како да се промовираме, како да стасаме на странските пазари. Кога говориме за нееднаквоста на платите имаме разлика од 17,5 проценти и ако се движиме со  ова темпо ќе ни требаат 100 години за да стасаме во еднаквост на платите што не е добро. На тоа треба да се  работи и да се договорат работодавачите, синдикатите работниците, исто така и да се креира свесност, во спротивно ќе нема резултати, рече Дисовска. 

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на економијата и се потребни квалитетите на жените, а поддршката и промовирањето на женското претприемништво ќе ја подобри севкупноста на конкурентноста.

-Додека се обидуваме да дојдеме до поголем пазар на труд во нашата земја се уште скоро половина од жените се надвор од пазарот на труд. Затворањето на родовиот јаз е клучно за одржливиот раст и развој на економијата. Со негово затворање ќе се искористи целосниот потенцијал за поттикнување на поразновидна и квалификувана работна сила, рече Битиќи. 

Тој посочи дека женското претприемништво стратешко е опфатено и со Националната развојна стратегија и најави дека во буџетот за 2024 во рамки на постојните расходи се предвидува финансиска поддршка на приватниот сектор насочена и во делот на унапредување на женското претприемништво. 

Битиќи истакна дека дополнителен фокус во рамки на овој буџет е на родово одговорните буџетски политики и оти посебно внимание е насочено кон финансиската поддршка прилагодена за женското претприемништво. - Нашиот фокус треба да го свртиме од формата кон содржината и да почнеме да гледаме какви бизниси отвораат жените, за какви бизниси тие се охрабрени и поддржани за што ни се потребни и родово сензитивни податоци со кои ќе имаме јасна слика за развојот кој го поттикнуваме, укажа вицепремиерот.  

Според министерот за економија Бектеши, охрабрувачки се податоцитедека се зголемува во континуитет бројот на компании кои се основани или, пак, управувани од жени и тоа споредбено 2022 со 2021 година за 34,25 отсто. Мерките за стимулирање на жените за започнување  свој бизнис кои Владата ги реализира секоја година,  како и активностите кои произлегуваат од Стратегијата за развој на женско претприемништво на РСМ ја постигнале целта, но не се доволни.   Затоа сите заедно МТСП, Министерство за економија, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања прават се поголеми напори се со цел жените претприемачи што повеќе да бидат поддржани од страна на институциите, рече бектеши, повикувајќи ги  здруженија да претстават нови иницијативи.

Во државава  во 2019 година е направена Национална стратегија за женско претпримништво со столбовите на кои треба да се работи за развој на ова претпримеништво. Во однос на државите од регионот сме на исто ниво, иако одреден период бевме најдобри.лв/ев/

 

ФОТО: Национална платформа за женско претприемништво

 

Остани поврзан