• понеделник, 23 декември 2024

Салиу на донаторска конференција ќе презентира проекти за изградба на домови, културни центри и обуки за ромската заедница

Салиу на донаторска конференција ќе презентира проекти за изградба на домови, културни центри и обуки за ромската заедница

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Министерот за интеграција на Ромите Шабан Салиу, на прес-конференција во Влада информираше дека денеска на донаторска конференција во присуство на повеќе од 30 амбасади, ќе ги презентира четирите проекти за подобрување на животот на ромската заедница кои се дел од стратегијата за инклузија на ромите 2022-2030 година.

Како еден од битните проектите за ромската заедница, Салиу го посочи проектот за изградба на домови во 15 општини низ државата, кои ќе бидат наменети за Ромите кои немаат свој дом или живеат во импровизирани домови.

– Еден од битните проекти е изградба на 1001 дом во 15 општини во нашата држава, да помогнеме на оние граѓани кои немаат никакви домови или оние граѓани кои живеат во импровизирани домови, во една тешка материјална економска состојба, рече Салиу.

Вториот проект, додаде, ќе биде во делот на културата, односно изградба на културен центар, за кој рече дека не постои во регионот.

– Таков центар во овој момент во нашата држава, а и подалеку нема. Тој културен центар треба да биде седиште посетувано од сите граѓани од ромската заедница. Сакаме да направиме еден музеј во поглед на специфичните обележја на ромската заедница. Исто така, драмски аматерски театар, кој понатака може да прерасне во професионален. Група на ентузијасти и оние кои сакаат поезија, да можат да вежбаат, потоа да можат да се изучуваат и јазици, да се спремаат децата од предшколска возраст и оние кои се заинтересирани за компјутерски вештини и други работи, посочи Салиу.

Третиот проект, рече, е во врска со обуки со стручни лица, за граѓаните од ромската заедница кои немаат соодветно образование да бидат дообучувани за понатамошно вработување.

– Преквалификациите на обуки ќе траат околу шест месеци и ќе бидат со стручњаци, специјалисти во поглед на обучување на оние граѓани Роми, па и на други кои немаат соодветно образование. Значи ќе се работи понатака и на проширување и на некое училиште за да им се овозможи и на полнолетните граѓани да можат да го доорганизираат, да го завршаат средното образувание и паралелно да бидат обучени со специјална структура. Четвртиот проект што ќе го претставиме е дигитално вклучување на Ромите. Ова е многу важен проект, знаеме колку е вештачката интелигенција важна во нашата држава и во светот и преку ова дигитално вклучување на Ромите, преку различни курсеви со помош на амбасадите и стручнаци од ова област, сакаме Ромите да ги обучиме со овие вештини како би можеле во иднина да бидат квалитетна работна сила, да можат да конкурираат на пазарот со своите знаења, рече Салиу. ра/ац/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан