• среда, 27 ноември 2024

Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“

Саем на книгата во арената „Борис Трајковски“
Скопје, 3 мај 2022 (МИА) - Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија ќе се претстават на годинашното 34-то издание на Саемот на книгата што се одржува во арената „Борис Трајковски“ од денеска до 9 мај. Фокусот годинава е ставен на детската литература, односно на привлекување на најмладите читатели. На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел промоции и попусти. Сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година. Освен редовниот термин на одржување, годинава се враќаат и групните посети за учениците од средните и од основните училишта. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца. По повод Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, на Саемот ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!”, на кој ќе биде даден осврт на најзначајните творци на македонската книжевност Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев. Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори. Ќе бидат доделени и наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре”. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја. Електронските билети за Саемот можат да се купат преку веб-страницата „www.karti.com.mk“, а влезници можат да се купат и на билетарницата на арената „Борис Трајковски“. Саемот на книгата е под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија. бт/са/  

Остани поврзан