САД ја повикаа Романија да го истражи потенцијалното руско кибер-мешање во изборите
- Пред вториот круг од претседателските избори во Романија в недела, САД вчера изразија загриженост поради наводното руско кибер-мешање за да се влијае на гласањето и повикаа на истрага, јави ДПА.
Букурешт, 5 декември 2024 (МИА) – Пред вториот круг од претседателските избори во Романија в недела, САД вчера изразија загриженост поради наводното руско кибер-мешање за да се влијае на гласањето и повикаа на истрага, јави ДПА.
Во првиот круг, кој се одржа на 24 ноември, неочекувано победи кандидатот на екстремната десница и проруска страна Калин Георгеску. Елена Ласкони, претставник на либерално-конзервативната реформистичка партија „Сојуз за спас на Романија“ беше втора.
Изјавата на портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, следеше по извештајот на романското Министерство за одбрана, кој укажува на „руска вмешаност во злонамерни кибер активности чија цел било да влијаат врз романскиот изборен процес“.
- Податоците наведени во извештајот мора целосно да се истражат за да се обезбеди интегритет на изборниот процес во Романија, нагласи Милер.
Тој рече дека романскиот народ треба да ги избере своите лидери и оти САД „не се мешаат во тие избори или процес“.
Во прикриеното предупредување до Русија, Милер рече дека напредокот на Букурешт како „силен НАТО сојузник и партнер во Европската унија не може да се уназади од странски фактори кои се обидуваат да ја одвратат Романија и нејзината надворешна политика“ од нејзините сојузи со Западот.
- Секоја таква промена би имала сериозни негативни последици за соработката на Вашингтон со Букурешт во областа на безбедноста и би ги обесхрабрила американските компании да инвестираат во Романија, додаде тој. јт/