• среда, 25 декември 2024

Патуваат над 200 километри по лекот „Ентресто“, неопходен за срцеви болни, кај нас речиси го нема

Патуваат над 200 километри по лекот  „Ентресто“, неопходен за срцеви болни, кај нас речиси го нема

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) – Со батерии во ранец, тешки шест килограми, поврзани со кабел за уред вграден во стомак, за да може срцето да им функционира, овие лица со „механичко срце“ мораат да патуваат повеќе од 200 километри во соседните држави за да го набават лекот „Ентресто“, кој им е неопходен, а кој во нашата држава е речиси недостапен.

Лекот е потребен за сите со срцеви проблеми, но, за овие лица со механичка потпора на срце, кои се околу 25 во нашата држава, голем проблем претставува патувањето. Батериите, со сè резервните, можат да издржат максимум 20 часа. А доколку настане некоја компликација, кај нив неизбежно ќе настапи смртта. Нивниот живот зависи од батерии и струја. Лекот „Ентресто“ помага да се зајакне срцевиот мускул, до тој степен што овој витален орган би можел повторно да функционира без помагало.

Од Бирото за лекови велат дека кај нас го има во многу мали количини. Но, за сите на кој им е потребен го нема.

Лицата со срцеви проблеми најчесто одат во Србија за да го купат лекот. Го плаќаат по 5000 српски динари, односно 3000 денари. За разлика од нашите граѓани, за жителите во Србија, не само што го има овој лек, тие можат да го купат со рецепт и ги чини 50 динари, односно 30 денари.

Јолевски: Да го имав лекот можеби немаше до тој степен да ми се влоши состојбата

Васко Јолевски, од Струга, е еден од оние 25 лица во државата, со вградена механичка поддршка на срцето, кој е на листата за трансплантација. Тој во разговор за МИА вели доколку го имало лекот „Ентресто“, можеби неговата состојба немала дотолку да се влоши за во 2021 година да му биде вграден уред кој ќе му помага на срцевиот мускул да функционира и трансплантација. Во текот на 2011 година му била дијагностицирана срцева слабост како резултат на цитостатска терапија во детството во борба против леукемија.

- Лекот „Ентресто“ за болните со напреднати срцеви заболувања значи овозможување на полесно справување со здравствената состојба во која се наоѓаме, привремено зацврстување на срцевиот мускул и негово поттикнување за поактивна работа. За оние кои се во полесна срцева слабост, значи и закрепнување и заздравување на срцевиот мускул односно не дозволува напредување на болеста, вели Јолевски, претседател на здружението „Храбро срце“.

Тој потенцира дека срцевите болни со години наназад бараат лекот да се стави на позитивна листа и за тоа се изјаснети и еминентни доктори, кои велат дека тој лек не само што е добар, туку е и неопходен за лекување или одржување на пациентите со срцеви заболувања.

- Впрочем и докторите ни укажуваат дека и покрај прилично високата цена, сепак е препорачано да го земаме лекот, набавувајќи го приватно кој како знае и умее. Голем проблем е што лекот воопшто го нема, нагласува Јолески.

Тој посочува дека ситуацијата на лицата со механичка поддршка на срцето, е крајно тешка. Мораат да внимаваат на исхраната, хигиената чие практикување е крајно отежнато, бидејќи уредот кој им е вграден, не смее да биде во контакт со вода или влага. Имаат отворена рана од каде излегува кабелот за приклучок на батериите/струјата, која треба да се преврзува на секои седум до 10 дена со посебни преврски кои се прават во клиниките. И покрај тешкото секојдневие кои го живеат, тие мораат да мислат и на лекот „Ентресто“, како и каде да го набават.

- Постојано зависиме од батерии и струја и доколку дојде до прекин на изворот на енергија кај нас би настапила смртта. Овој уред е мост до трансплантација и сите ние сме на листа за трансплантација на срце. Но, за жал, досега и покрај 11 успешни трансплантации на срце, на пациент со механичка потпора не е изведена трансплантација. Секаде во светот број еден приоритет се токму ваквите пациенти, вели Јолески.

Неговите информации говорат дека кај нас лекот „Ентресто“ е регистриран, земена е лиценца од увозник, но досега не е одредена малопродажна цена на лекот и не е увезен. Малопродажна цена одредува владина комисија.

- Зошто не е одредена и зошто лекот не е увезен не знаеме, вели Јолески.

Во октомври се очекува поголема количина на лекот „Ентресто“

За разлика од него, од Бирото за лекови велат дека лекот го има во многу мали количини во државата

- Во моментот лекот е увезен во помала количина и не може да се најде во сите аптеки, но е достапен доколку има потреба. Поголема количина е планирана да се оствари со увоз во текот на месец октомври, вели во изјава за МИА Марија Трајчулески, раководител на сектор за процена на документацијата за ставање на лекови и медицински средства во промет во Бирото за лекови.

Таа не можеше да ни каже во кои аптеки во државата може да се најде лекот и по која цена.

Д-р Маријан Шокаровски, субспецијалист по кардиохирургија, вели дека лекот „Ентресто“ е неопходен за срцевите болни.

- Лекот „Ентресто“ е влезен во сите класични третмани препорачани од Европската и Американската кардиолошка асоцијација за лекување на срцева слабост и тоа и кај возрасни и кај педијатриските пациенти. Тоа претставува болест која може да биде од различно потекло, но заедничко за сите пациенти е тоа што имаат намалена пумпна снага на срцевиот мускул, вели доктор Шокаровски во разговор за МИА.

Тој објаснува дека двете активни супстанции во „Ентресто“, сакубитрил и валсартан, делуваат на различни начини.

- Сакубитрил го блокира разградувањето на натриуретските пептиди произведени во телото. Натриуретските пептиди предизвикуваат натриумот и водата да преминат во урината и да се исфрлат од организмот и со тоа го намалуваат оптоварувањето на срцето. Тие исто така го намалуваат крвниот притисок и го штитат срцето од развој на фиброза (ткиво на лузни) што се јавува при срцева слабост, истакнува доктор Шокаровски.

Тој додава дека валсартан е „антагонист на рецепторот на ангиотензин-II“, што значи дека го блокира дејството на хормонот наречен ангиотензин II.

- Ефектите на ангиотензин II може да бидат штетни кај пациенти со срцева слабост. Со блокирање на рецепторите на кои вообичаено се прикачува ангиотензин II, валсартан ги запира штетните ефекти на хормонот врз срцето и исто така го намалува крвниот притисок, појаснува кардиохирургот.

МЗ: Доколку биде поднесено барање за ставење на лекот на позитивна листа, ние ќе го разгледаме

Од Министерството за здравство ја поздравува секоја апликација за ставање на лек на позитивната листа.

- Доколку компанијата што е носител на регистрацијата на лекот во нашата држава поднесе барање за ставање на лекот на позитивна листа, истото ќе биде разгледано од страна на стручната комисија за позитивна листа и соодветно оценето, ни одговорија од Министерството за здравство на прашањето дали лекот „Ентресто“, ќе се најде на позитивната листа.

Срцевите болни со надеж дека во државата наскоро ќе го има лекот, за да не мораат да патуваат надвор од државата за да го набават. Нивните очекувања се дека лекот „Ентресто“ ќе се најде на позитивна листа и ќе ги чини колку што плаќаат граѓаните на Србија за него, околу 50 динари, односно 30 денари.

Останува да се види дали најавата на Бирото за лекови дека в октомври ќе има поголми количини од лекот, ќе стане реалност.

Ирена Радовановиќ

Фото: МИА

 

 

 

 

 

Остани поврзан