• сабота, 23 ноември 2024

Руски воен брод отвори предупредувачки оган кон товарен брод во Црно Море

Руски воен брод отвори предупредувачки оган кон товарен брод во Црно Море

Москва, 13 август 2023 (МИА) - Руски воен брод денеска испука предупредувачки истрели кон товарен брод во југозападниот дел на Црното Море, што е првпат Русија да пука врз трговски брод откако го напушти Договорот за жито, јави Бета.

Русија минатиот месец унилатерално се повлече од договорот, во кој посредуваа Турција и Обединетите нации, а се овозможи извоз на житарки од украинските црноморски пристаништа.

Москва предупреди дека сите бродови што влегуваат во украинските води ќе ги смета за легитимна цел, бидејќи тие потенцијално носат оружје.

Во денешното соопштение на руското Министерство за одбрана се наведува дека нејзиниот патролен брод „Василиј Биков“ отворил предупредувачки оган кон товарниот брод „Сукру Окан“ што плови под знамето на Палау, откако капетанот на бродот не одговорил на барањето да застане на проверка, пренесуваат британските медиуми.

Русија соопшти дека бродот бил упатен кон украинското пристаниште Измаил, но во моментот се наоѓал во близина на брегот на Бугарија и се движел кон романското пристаниште Сулина.

„За да се принуди бродот да застане, беше отворен предупредувачки оган од автоматско оружје“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Припадници на руската армија се истовариле на бродот со помош на хеликоптер Ка-29, соопшти Министерството.

„Откако групата ја заврши инспекцијата, бродот Сукру Окан го продолжи патувањето до пристаништето Измаил“, се додава во соопштението на руското МО.

Засега нема изјава, потврда или демант на веста од екипажот на бродот, ниту од сопственикот. Украина и Турција, исто така, досега  не излегоа со коментар за инцидентот. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан