Руските граничари на готовс поради состојбата во Авганистан
- Руските воени и гранични службеници ќе го следат влошувањето на состојба во пограничните региони на Авганистан и ќе донесат соодветни одлуки, соопшти Дмитриј Песков, портпарол на рускиот прет
Москва, 5 јули (МИА) – Руските воени и гранични службеници ќе го следат влошувањето на состојба во пограничните региони на Авганистан и ќе донесат соодветни одлуки, соопшти Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател.
- Што се однесува до дополнителниот контингент, не можам да ви кажам. Се разбира, со развојот на ситуацијата, за жал, гледаме дека таа не се развива на најдобар начин. Соодветно на тоа, потребните одлуки ќе ги донесе нашата војска и граничарите, рече портпаролот на Кремљ на прашањето дали Руската Федерација размислува да испрати дополнителен контингент кој ќе му помогне на Таџикистан да ги заштити своите граници.
Русија не разговара со авганистанските власти за воведување воен контингент во земјата поради влошената состојба во пограничните области, додаде Песков и нагласи дека покрај тоа, Русија е загрижена за развојот на ситуацијата во пограничните региони на Авганистан во услови на повлекување на американската војска од таму.
- Секако, по повлекувањето на Американците и нивните сојузници од Авганистан, развојот на ситуацијата во оваа земја е причина за наша зголемена загриженост. Ние многу внимателно следиме и велиме дека, за жал, во тек е дестабилизација, рече Песков.
Прес-центарот на Граничните трупи на Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан соопшти дека по борбите со приврзаниците на радикалното движење „Талибан“, повеќе од илјада авганистански војници се повлекле на територијата на републиката. Во последните две недели имало неколку случаи на присилен трансфер на авганистански трупи на територијата на Таџикистан. јт/