• вторник, 24 декември 2024

Рускиот опозициски лидер Ходорковски го повика Западот да не ја признае изборната победа на Путин

Рускиот опозициски лидер Ходорковски го повика Западот да не ја признае изборната победа на Путин

Берлин, 18 март 2024 (МИА) - Поранешниот олигарх во егзил, познат противник на Кремљ, Михаил Ходорковски, денеска ги повика западните влади да не ја признаваат победата на Владимир Путин на изборите, додавајќи дека опозицијата е обединета против рускиот претседател.

„Сега станува збор за конечно јавно прогласување на нелегитимноста на Путин. Очекуваме многу од западното општество. Бараме да се обратат до владите за да побараат од нив да не го признаваат легитимитетот на Путин“, изјави Ходорковски во Берлин.

Поранешниот нафтен тајкун Михаил Ходорковски помина десет години во затвор откако му се спротивстави на Путин на почетокот на 2000 година. Од неговото ослободување во 2013 година, тој се засолни во Лондон, каде што финансира различни опозициски платформи.

Во неделата, Ходорковски се сретна со Јулија Навални, сопругата на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во руски затвор во февруари. Тие се сретнаа пред руската амбасада во Берлин каде Јулија Навални гласаше на претседателските избори.

Поранешниот олигарх оцени дека различните опозициски струи се согласуваат за „суштинските прашања“, а тоа е дека „повеќе не го сакаат Путин на власт и дека сакаат фер и транспарентни избори“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан