• сабота, 16 ноември 2024

Рускиот дисидент Владимир Кара-Мурза е преместен на непозната локација, соопшти неговата сопруга

Рускиот дисидент Владимир Кара-Мурза е преместен на непозната локација, соопшти неговата сопруга

Москва, 29 јануари 2024 (МИА) - Сопругата на рускиот дисидент Владимир Кара-Мурза денеска изјави дека тој повеќе не е во сибирската казнена колонија каде што е затвореник од септември и дека не знае каде го однеле властите.

Евгенија Кара-Мурза во својата објава во „Х“ напиша дека нејзиниот сопруг, кој боледува од невролошка болест откако преживеа два обиди за труење, бил во самица во текот на четирите месеци што ги поминал во колонијата со високо обезбедување ИК-6 во Омск.

Кара-Мурза, кој поседува руски и британски пасоши, е еден од ретките истакнати опозиционери кои останаа во Русија и продолжија да зборуваат против претседателот Владимир Путин по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Пријателот на Кара-Мурза и шеф на Кампањата за светска правда „Магнитски“, Бил Браудер, неговото исчезнување од затвор го нарече „чист садизам“.

Како британски државјанин, нашиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон мора да ги искористи сите алатки за да го обезбеди ослободувањето на Владимир. Владата мора да дејствува решително пред тој да умре во затвор, што веројатно ќе се случи доколку не биде ослободен, додаде тој.

Британските пратеници, вклучително и претседателката на Комитетот за надворешни работи, Алиша Кернс, исто така ја повикаа владата да преземе акција. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан