• сабота, 23 ноември 2024

Руската новинарка Овсјаникова побегна од домашен притвор, се соочува со десет години затвор

Руската новинарка Овсјаникова побегна од домашен притвор, се соочува со десет години затвор
Москва, 5 октомври 2022 (МИА) - Руската ТВ-новинарка Марина Овсјаникова, обвинета за ширење лажни вести по организирањето серија самостојни протести против војната во Украина, денеска изјави дека побегнала од домашен притвор.
„Се сметам себеси за целосно невина и бидејќи нашата земја одбива да ги почитува сопствените закони, одбивам да ја почитувам наредбата за ограничување што ми беше наметната на 30 септември 2022 година и се ослободувам од неа“, рече таа.
Нејзиниот адвокат рече дека таа требало да се појави на рочиштето утрово, но дека истражителите не успеале да утврдат каде се наоѓа.
Инспекторите побараа од судот да го смени нејзиниот првичен налог за домашен притвор во затвор доколку биде пронајдена, но судот тоа го одби, рече нејзиниот адвокат.
Овсјаникова го привлече вниманието во март појавувајќи се пред студиските камери за време на вечерните вести на државната телевизија со плакат на кој пишуваше „Прекинете ја војната“ и „Ве лажат“.
Кремљ потоа го осуди нејзиниот чин на протест како „хулиганство“.
Оваа 44-годишната жена доби два месеца домашен притвор во август, откако, за време на протестите во јули, застана на насипот на реката спроти Кремљ и држеше плакат со кој Путин го нарекува убиец, а неговите војници фашисти. Таа се соочува со 10 години затвор доколку биде прогласена за виновна за ширење лажни вести за руските вооружени сили.
Нејзиниот домашен притвор требаше да трае до 9 октомври, но државната новинска агенција во саботата објави дека избегала со нејзината 11-годишна ќерка и не се знае каде се наоѓа. паг/
 

Остани поврзан