• вторник, 26 ноември 2024

Руската и украинската амбасада официјално не биле информирани за апсењето нивни државјани за инцидентот во Грамш

Руската и украинската амбасада официјално не биле информирани за апсењето нивни државјани за инцидентот во Грамш
Тирана, 22 август 2022 (МИА) – Амбасадите на Руската Федерација и на Украина во Тирана, во врска со инцидентот што се случи во поранешна фабрика за оружје во албанскиот град Грамш, пред два дена, изјавиле дека не биле официјално информирани од албанските надлежни органи дека се уапсени нивни државјани. За разлика од украинската амбасада од каде кусо изјавиле дека не се информирани официјално од албанските надлежни органи за случајот, од руската амбасада за „Еуроњуз Албанија“ појасниле дека доставиле нота до ресорното министерство за подетални информации. - Дипломатската мисија за инцидентот што се случи е информирана само од медиумите. Испративме нота до Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија со барање да се информира руската дипломатска мисија за сите детали на пропишан начин за тоа, изјавиле од амбасадата. Тие додале дека побарале информација за идентитетот на уапсените, нивната моментна локација, суштината на поведените обвиненија, натамошните процесни дејствија против нив, како и можност за организирање средба на претставникот на конзуларниот сектор на амбасадата со приведените руски државјани. Во иницидентот што се случи во Грамш беа уапсени двајца руски (една жена) и еден украински државјанин, а се сомничат за шпионажа. Тие насилно сакале да влезат во објектот при што ги нападнале двајцата албански војници - стражари, кои завршија во болница. вт/паг/

Остани поврзан