Русија тврди дека целосно ја презела областа Луганск, Украина одбила голем напад кај Славјанск
- Русија денеска соопшти дека нејзините сили воспоставиле целосна контрола врз Луганската област во источна Украина, пренесува ТАСС, повикувајќи се на Министерството за одбрана на Руската Федерација.
Москва, 1 април 2026 (МИА) - Русија денеска соопшти дека нејзините сили воспоставиле целосна контрола врз Луганската област во источна Украина, пренесува ТАСС, повикувајќи се на Министерството за одбрана на Руската Федерација.
Од руското министерство наведоа дека единиците на групацијата „Запад“ го завршиле „ослободувањето“ на самопрогласената Луганска Народна Република. Ова тврдење сè уште не е независно потврдено, а украинската страна засега нема официјална реакција.
Иако Русија во 2022 година прогласи анексија на Луганск и уште три области, таа досега немаше воспоставено целосна контрола врз ниту еден од овие региони.
Истовремено, руската армија продолжува со напредувањето во Доњецката област. Барањето на Москва за повлекување на украинските трупи од преостанатиот дел на Доњецк останува главна пречка во мировните преговори кои се водат со посредство на Вашингтон. Според претседателот Володимир Зеленски, ваквото барање е поддржано од САД како услов за безбедносни гаранции за Украина.
Од друга страна, Вооружените сили на Украина (ВСУ) преку агенцијата Укринформ соопштија дека одбиле најголем напад на руски моторизирани единици од почетокот на годината на правецот кон Славјанск. Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани вкупно 171 воени судири на целиот фронт. ссм/сд/
фото: архива