• сабота, 06 декември 2025

Русија тврди дека Украина со дронови нападнала објект кај нуклеарната централа Запорожје

Русија тврди дека Украина со дронови нападнала објект кај нуклеарната централа Запорожје

 Москва, 14 јули 2025 (МИА) - Украински беспилотни летала го нападнале центарот за обука во близина на нуклеарната електрана Запорожје, соопшти денеска проруската управа на централата, која се наоѓа под контрола на руските сили.

„Непријателот употреби три беспилотни летала“, се наведува во соопштението објавено на каналот на администрацијата на Телеграм. Притоа е додадено дека „не е забележана критична штета“ од нападот.

Информацијата доаѓа само еден ден по изјавата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), според која во саботата навечер биле забележани стотици истрели од лесно оружје во близина на електраната.

Нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, се наоѓа под руска контрола од првите недели на инвазијата врз Украина, која започна во февруари 2022 година. Двете страни редовно се обвинуваат за напади и активности кои, според оценките, би можеле да доведат до нуклеарна несреќа.

Иако централата моментно не произведува електрична енергија, таа и понатаму има потреба од стабилно напојување за да се одржи системот за ладење на нуклеарното гориво.

Во денешното соопштение, руската управа тврди дека електраната „продолжува да функционира нормално, со примена на сите неопходни безбедносни мерки“.

МААЕ повеќепати предупреди дека секој напад или борбени дејствија во близина на нуклеарни објекти претставуваат сериозна закана за регионалната и меѓународната безбедност. ссм/

фото: архива

Остани поврзан