• понеделник, 23 декември 2024

Русија продолжи да ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина

Русија продолжи да ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина
Киев, 19 октомври 2022 (МИА) - Украинските сили за противвоздушна одбрана денеска соопштија дека Русија повторно нападнала неколку региони на Украина со проектили чија цел била оштетената енергетска инфраструктура.
Властите соопштија дека украинските војници за време на нападот собориле четири руски крстосувачки ракети и 10 беспилотни летала од иранско производство.
Сирените за воздушен напад се огласија повеќе од три часа во Киев, чии жители бараа засолниште.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, најави дека во четврток ќе започне таканаречената грејна сезона, неколку дена порано од вообичаеното.
Кличко рече дека одлуката е донесена за жителите на Киев да не го преоптоварат веќе оптоварениот систем за напојување со вклучување електрични греалки и клима уреди.
За време на гранатирањето синоќа и рано изутринава во Енергодар, градот најблиску до нуклеарната централа Запорожје, во некои градски квартови беше прекинато снабдувањето со електрична енергија и вода.
„Според претходните извештаи денеска, во гранатирањето е оштетена една од трафостаниците“, изјави градоначалникот на Енергодар, Дмитро Орлов.
Регионалниот гувернер Олександр Старук, пак, рече дека важна инфраструктура е нападната од руски ракети С-300 во областа Запорожје.
Руските сили, исто така, силно гаѓале две области во источниот регион Дњепропетровск, прекинувајќи ја струјата во неколку градови и села.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање го повика народот штедливо да ја користи електричната енергија.
„Секој што го следи ова едноставно правило за ударните часови и помага на целата земја“, рече Зеленски. паг/
 

Остани поврзан