• среда, 27 ноември 2024

Русија ги повика Ерменија и Азербејџан да го почитуваат прекинот на огнот

Русија ги повика Ерменија и Азербејџан да го почитуваат прекинот на огнот
Москва, 24 април 2023 (МИА) - Русија ги повика Ерменија и Азербејџан да го почитуваат договорот за прекин на огнот од 2020 година, изразувајќи „сериозна загриженост“ поради ескалацијата на тензиите меѓу двете земји околу Нагорно Карабах.

Азербејџан вчера воспостави контролен пункт на планински пат што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах наречен Коридор Лачино, што Ерменија го оквалификува како „грубо кршење“ на договорот за прекин на огнот постигнат во 2020 година со посредство на Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави  дека „нема алтернатива“ на договорот за прекин на огнот, додавајќи дека Москва посредува меѓу двете страни.

„Русија ги продолжува контактите, ситуацијата е навистина тешка“, изјави Песков.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат дел од Азербејџан, каде што живеат претежно етнички Ерменци. Во 2020 година, Азербејџан постигна значителни територијални придобивки во шестнеделната војна. Илјадници луѓе загинаа во војната од двете страни. Со посредство на Москва беше постигнат прекин на огнот, кој вклучува присуство на руски мировници во областа.

Русија е сојузник на Ерменија, со која склучи договор за меѓусебна одбрана, но има добри односи и со Азербејџан.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека едностраното прекршување на договорот за прекин на огнот не е прифатливо, но директно не обвини ниту една страна.

Во 2020 година, Азербејџан се согласи да „ја гарантира безбедноста на луѓето, возилата и товарот на коридорот Лачин во двете насоки“. Ерменија смета дека поставувањето контролен пункт на почетокот на тој пат е „грубо кршење“ на тие одредби. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан